Зошто Израел најбрзо вакцинира во светот?

од Nikola Popovski
196 прегледи

Веќе еден милион вакцинирани против короната и најава за крај на епидемијата до пролет. Како Израел успеа да обезбеди големи количини вакцини и да го вакцинира населението неспоредливо побрзо од другите земји?, прашува ДВ.

Во петокот, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја пофали бројката од еден милион вакцинирани за помалку од две недели. Тоа е повеќе од десет проценти од 9,3 милиони жители. Кога станува збор за лица постари од 60 години, 40 проценти од нив веќе ја примиле првата доза.

Нетанјаху ја повтори целта за примање на вакцината на најмалку 5,5 милиони луѓе со цел да се запре епидемијата во таа земја. Тоа може да се случи до крајот на март.

„За еден месец ќе ги вакцинираме сите над 60 години и медицинскиот персонал. Ако успееме, по уште 30 дена, ќе го оставиме вирусот зад себе, ќе ја отвориме економијата и ќе направиме работи што ниту една земја во светот не може да ги направи“, ветил претходно Нетанјаху.

Во апсолутен број на дози на вакцини дадени на населението, Кина води со 4,5 милиони, потоа САД со близу три милиони и Велика Британија и Израел со по еден милион.

Сепак, според статистичките податоци во реално време објавени од „Our World in Dat“, значителен дел од населението е вакциниран само во Израел (11,55 дози на 100 жители) и Бахреин (3,49 дози на 100 жители), проследено со Велика Британија и Исланд, со околу 1,5 дози на сто луѓе.

Израел плаќа повеќе

Дел од успехот на Израел, според весникот „Штутгартер нахрихтен“, може да се припише на блискоста на премиерот со Алберт Бурла, шефот на американскиот фармацевтски гигант „Фајзер“, кој произведува вакцини на германскиот „Бионтек“. Нетанјаху, кој прв ја прими вакцината во неговата земја, го нарекува Бурла „личен пријател и голем пријател на државата Израел“. Според премиерот, Бурла е „горд“ на своето еврејско-грчко потекло.

Така, оваа земја од Блискиот исток беше меѓу првите кои примија голема количина вакцини. Израел потпиша договор со „Фајзер“ за вкупно осум милиони дози, а добива и други шест милиони од „Модерна“. И во таа друга фармацевтска компанија, личните врски не се занемарливи – медицинскиот директор Тал Закс е Израелец.

Официјалните лица држат во тајност колку дози од вакцината веќе пристигнале во земјата, но се чини дека има доволно за да ја продолжат вакцинацијата со несмалено темпо. Само во четвртокот вакцинирани се 153 400 лица.

Според некои медиуми, до крајот на јануари ќе има вкупно меѓу 4 и 5,6 милиони дози. За тоа време, на пример, само три до четири милиони дози ќе стигнат до Германија, која има девет пати повеќе жители и каде што е дизајнирана вакцината.

Според весникот „Једиот Ахронот“, фармацевтските гиганти го гледаат Израел како идеална област за пилот-проект за вакцинирање на целото население, бидејќи тоа е мала, централизирана земја со развиен здравствен систем.

Но, според извештаите на медиумите, причините може да бидат од поинаква природа. Израел плаќа дури 23 евра по доза за вакцината „Бионтек-Фајзер“, што е за 40 проценти повеќе од цената што ја плаќа американската држава и скоро двојно повеќе отколку што плаќа ЕУ. Имено, според списокот што случајно го објави белгискиот државен секретар Ева де Блекер, дозата се набавува во ЕУ за 12 евра.