Министерството за одбрана вчера го повтори претходниот став на министерот Владо Мисајловски дека нема да бидат испратени македонски војници како резултат при евентуално решение од мировните преговори меѓу САД со украински и руски претставници. Од МО додаваат дека и многупати досега во однос на војната во Украина, министерот ја има пренесено пораката на Македонија и на состаноците на министри за одбрана на НАТО и на билатералните средби, дека е потребно најбрзо воспоставување мир кој ќе стави точка на страдањата на украинскиот народ и донесување трајно одржливо решение кое повторно ќе ја врати безбедноста на целиот европски континент. Додаваат дека низ историјата покажале дека како ресор „секогаш имаме принципиелен став и дека секогаш сигурноста на секој еден македонски граѓанин ни е приоритет“.
Ова следува откако кај неколку европски земји има подготвеност да испратат свои војници во Украина за да помогнат во одржувањето на мирот и да одговорат во случај Русија да прекрши потенцијален мировен договор. Слична таква најава дојде и од Словенија, иако тамошниот премиер Роберт Голоб побара тоа да биде само како заедничка мисија под мандат на Обединетите Нации.
Дел од домашната јавност истакнува дека одлуката на македонските власти пред сè произлегува од реална проценка на капацитетите, безбедносните ризици и поширокиот политички контекст. Според воено-безбедносниот аналитичар и новинар, Александар Србиновски, Македонија има ограничени воени и логистички ресурси, кои во моментов се насочени кон исполнување на НАТО-обврските и зачувување на регионалната стабилност. Оценува дека испраќање војници во евентуална мисија поврзана со Украина би значело директно вклучување во сè уште активен и високо ризичен конфликт, без јасно дефиниран мандат, временска рамка и структура на командување.
-Зад оваа одлука стои внимателна и рационална проценка дека вакво ангажирање во овој момент не носи јасна безбедносна или политичка корист за државата, истакнува соговорникот.
Србиновски не смета дека станува збор за страв бидејќи, како што вели, стравот не е мотив по кој функционира една држава.

Фото: Александар Србиновски
-Ова е пресметан ризик, базиран на стратешки набљудувања, безбедносни анализи и внимателно согледување на можните последици. Одлуките од ваков тип се носат врз основа на анализа и проценка, а не на емоции, објаснува аналитичарот, додавајќи како Македонија има отворена и јасна политика која го поддржува крајот на војната и решавањето на конфликтот преку дипломатски и политички средства.
-Воедно, државата има јасна и транспарентна позиција на поддршка на мировните напори и разговори предводени од САД, кои во овој момент се гледаат како најреалистичен пат кон деескалација и трајно решение. Во тој контекст, одлуката да не се испраќаат војници не значи дистанцирање или неодлучност, туку внимателно калибрирана надворешна и безбедносна политика, укажува тој.
Македонија веќе учествува во неколку заеднички мисии. Запрашан дали подобро би било целата мисија да биде под капата на Обединетите нации, а не поединечни земји да испраќаат, соговорникот посочува дека ситуацијата во Украина суштински се разликува од конфликтите во кои досега биле распоредувани класични мировни мисии на Обединетите нации.
-Ова не е типично постконфликтно сценарио од минатото, туку војна со директни геополитички импликации, во која од едната страна стои Русија – нуклеарна суперсила, а од другата страна Украина со силна поддршка од САД и колективниот Запад. Поради тоа, традиционалниот модел на ОН-мировни сили тешко може директно да се примени.
Доколку по завршувањето на војната воопшто дојде до распоредување мировни сили на терен, тоа ќе зависи од начинот и условите под кои конфликтот ќе заврши. Таков безбедносен аранжман би морал да биде усогласен и со позицијата на Руската Федерација, но и со визијата и целите на САД за завршување на конфликтот. На крајот на денот, зборуваме за можен мировен договор меѓу двете најмоќни воени сили во светот, чии одлуки во актуелниот геополитички контекст тешко можат да бидат управувани или наметнати од страна на Обединетите нации, наведува Србиновски, анализирајќи дека ОН во моментов нема ниту јасен капацитет, ниту доволна политичка кохезија и волја за да одговори на ваков безбедносен предизвик.
-Поради тоа, можно е секое идно решение да се движи надвор од класичниот ОН-модел, со водечка улога на големите сили, додека Обединетите нации би имале повеќе споредна, легитимирачка или хуманитарна улога, наместо централна командна функција, заклучува Србиновски.

Министерот Владо Мисајловски на годишниот брифинг со Асоцијацијата на одбранбени аташеи/Фото: Министерство за одбрана
Министерот за одбрана на вчерашниот годишен брифинг со акредитираните одбранбени аташеа најави дека 2026 ќе биде година на забрзана модернизација и значително зајакнување на одбранбените капацитети. Во своето излагање, Мисајловски потсети дека 2025 година била година со рекорден број на воени вежби, што значително ја зголемило оперативната готовност.
„Во 2026 година, продолжуваме со придонесот во мировни мисии и операции, како и во рамките на мултинационалните сили на НАТО. Со вкупно 185 лица за кои се планирани над 9 милиони евра продолжуваме да го зацврстуваме регионалниот мир и безбедност и да ја засилуваме колективната одбрана на Алијансата. Остануваме во КФОР во Косово, ЕУФОР-АЛТЕА во Босна и Херцеговина, УНИФИЛ во Либан, како и мултинационалните сили на НАТО во Латвија, Романија и Бугарија“, рече министерот.
Одговарајќи на новинарски прашања, Мисајловски изјави дека Македонија не планира испраќање војници во Украина, нагласувајќи дека таква одлука „ниту била разгледувана, ниту се зема предвид“ и дека Армијата останува фокусирана на модернизацијата и исполнувањето на обврските во рамките на сојузништвата.
„Воопшто не планираме такво нешто. Македонска војска нема да биде испратена на украинска територија. Ова многу пати сум го кажал и повторно го истакнувам. Ние се фокусираме на нашата модернизација и на нашите обврски. Секако, како дел од едно големо сојузништво, ќе помагаме на секој начин на кој можеме, но таква одлука ниту била на маса, ниту се разгледува“, посочи министерот за одбрана.

Фото: Facebook/United Nations Mission in South Sudan (UNMISS)
Оптимистички тонови од САД по разговорите со руски и украински претставници во Мајами. Специјалниот претставник Виткоф уверува дека дебатата за ревидираниот мировен план во последните два дена била продуктивна и конструктивна. Претходно Кремљ ја негираше можноста за трилатерални разговори меѓу Украина, Русија и САД, и покрај тоа што Зеленски откри дека Вашингтон предложил таков формат.
„Во текот на последните два дена во Флорида, рускиот специјален претставник Кирил Дмитриев одржа продуктивни и конструктивни состаноци со американската делегација за да го унапреди мировниот план на претседателот Трамп за Украина. Русија останува целосно посветена на постигнување мир во Украина. Русија високо ги цени напорите и поддршката на Соединетите Американски Држави за решавање на украинскиот конфликт и повторно воспоставување на глобалната безбедност“, објави специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф.
Клучните европски советници за национална безбедност, исто така, се приклучија на дискусиите за усогласување на заедничкиот пристап меѓу Украина, САД и Европа. На состанокот во фокусот беа четири документи, понатамошен развој на планот од 20 точки, усогласување на позициите во рамката за мултилатерални безбедносни гаранции, рамката за безбедносни гаранции на САД и планот за понатамошен економски развој и просперитет.
Н.П.