Европејците генерално се отворени за идејата Украина да влезе во ЕУ, и покрај трошоците и ризиците, но истражувањето објавено од Гардијан покажа дека тоа не е случај кога станува збор за Грузија и земјите од Западен Балкан, вклучително и Србија. Според анкета спроведена во шест-земји членки на ЕУ, 26% од испитаниците изразуваат поддршка за пристапувањето на Македонија во Европската Унија, наспроти 27% кои се противат на ваквата идеја. Од друга страна, забележано е поголема поддршка за евентуалното приклучување на Украина во европското семејство.
Според аналитичарите, од наша перспектива би требало поцелосно да ги гледаме резултатите од анкетата. За Украина е голема поддршката „за“ влез во ЕУ (37%), но висок е и процентот “против“ – 33%, вели за „Локално“ Малинка Ристевска-Јорданова, поранешната директорка на Институтот за европска политика (ЕПИ) и експертка на полето на евроинтеграциите. Истакнува дека граѓаните имаат став за Украина, затоа што руската агресија врз неа е актуелна, а преовладува солидарноста.
-За Македонија, која е некаде на средината според поддршката – процентот „за“ влез е 26%, но е низок и процентот „против“.- 27% (пониско е противењето само за Црна Гора). Дел од објаснувањето е веројатно што Македонија не е во „жижата“ на интересот, посочува соговорничката.
Сепак според неа, Македонија нема и единствен настап во државите членки на ЕУ, односно нивните медиуми.
-Покрај тоа, и веќе создадената перцепција во држави членки дека Западниот Балкан е лулка на корупција и организиран криминал сериозно му штети на јавното мислење за влезот во ЕУ, објаснува Ристевска-Јорданова.
Експертката на полето на евроинтеграции оценува и дека не е веројатно Украина да стане членка на ЕУ пред Македонија.
-Се поставува прашањето и какво ќе биде тоа членство, под кои услови, предупредува Ристевска-Јорданова.
Според британски „Гардијан“, истражувањето покажува широко спротивставување особено за евентуалното пристапување на Турција во Унијата, но и „ладен одговор“ во однос на изгледите Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија, Косово, Северна Македонија и Србија да се приклучат на ЕУ.
Според истражувањето, граѓаните на Романија со мнозинство од 51 отсто и на Полска со 48 отсто веруваат дека ЕУ треба да бара проширување, додека меѓу „старите“ земји членки на ЕУ Данска со само 37 отсто е против какво било итно проширување.
Анкетата покажува силно противење на можноста Турција да се приклучи на ЕУ, при што 51 отсто од анкетираните во шесте земји се противат на идејата и помалку од еден од пет испитаници поддржуваат какво било напредување на Турција кон членство во Унијата.
Поддршката за пристапување е најмала за Косово и изнесува 20 отсто, додека 37 отсто се изјасниле дека таа треба да стане дел од Унијата, за Албанија односот е 24 отсто „за“, 35 отсто „против“, Србија, а 25 отсто се „за“ и Грузија 25 отсто се „за“, а 31 отсто „против“.
Северна Македонија ќе го продолжи преговарачкиот процес со Европската Унија откако ќе бидат усвоени уставните амандмани, што е предвидено со Преговарачката рамка и со заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година, се наведува во заклучоците усвоени на вчерашното заседание на Советот за општи работи на Унијата.
Како што изјави еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји по заседанието на ГАК, усвоените заклучоци се фундаментални за напредокот на политиката за проширување и со нив се потврдува напредокот на 10-те кандидати за членство и се испраќа јасна порака за посветеност на проширувањето на ЕУ со земјите од Западниот Балкан, Турција, Украина, Молдавија и Грузија.
Н.П.