Се повторува судбината на жените градоначалнички од претходните локални избори. СДСМ во првата група на кандидати, предложи само три кандидатки, од кои две се веќе актуелни градоначалнички. Првата на Арачиново Милиќие Халими и втората Жаклина Јовановска за Старо Нагоричане. Кандидатката за Петровец, Елизабета Зелениковска е ново име во трката за локалните избори. Според партискиот лидер Зоран Заев малиот број на женски имиња на списокот за градоначалници, се должи пред се на партиските анкети кои покажувале, кој кандидат како котира кај граѓаните во неговата општина.
-Родовата застапеност согласно нашиот статут е во советничките места. За градоначалник се бира само еден кандидат, и кога имате еден кандидат не можете да го поделите на ниво на С. Македонија 50:50, а притоа да ги слушате граѓаните. Кога доминантно се потпирате на истражувања и на анкети, најпресуден е фактот „што мислат граѓаните“. Потоа ги определувате личностите. Во советничките листи имаме целосна застапеност на жени и на мажи подеднакво 50:50 иако според Изборниот законик тој процент изнесува е 40 %. На парламентарните избори настапивме со 50:50, така ќе настапиме и на локалните избори за советничките листи, рече Заев.
Од Алијансата за Албанците велат дека немаат конечен став за изборот на кандидати за градоначалници. Високиот партиски функционер и градоначалник на Гостивар Арбен Таравари за Локално вели, дека на советничките листи половина од кандидатите ќе бидат жени.
-Во советничките листи ќе бидат околу 50% проценти жени. Централното собрание ќе ја донесе конечната одлука. Но, нашата партиска тенденција е жените да бидат застапени во што поголем број на оваа функција. Сепак, пресудни ќе бидат партиските анализи кои ќе покажат кој кандидат каков рејтинг има меѓу граѓаните во општината во која ќе настапува, рече Таравари за Локално.
Неодамна на својот фб профил претседателка на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ Жаклина Пешевска напиша дека дека нејзината заложба ќе биде што повеќе жени да имаат шанса да ја докажат својата способност како градоначалнички.
„Во пресрет на локалните избори во октомври оваа година, мојата цел ќе биде што повеќе жени да ја добијат поддршката од ВМРО-ДПМНЕ а потоа и од граѓаните да бидат градоначалнички, носителки на советнички листи и советнички! Во Македонија е потребно да се даде шанса на жените, бидејќи ако жената е клучен столб на семејството, тогаш жената ќе може и да вети, и да реализира за општото добро, по градовите, населбите и селата ширум Македонија!“, напиша Пешевска на Фејсбук.
За малата застапеност на жените во градоначалничката трка на партиските листи, правната советничка во Коалицијата Маргини, Драгана Дрндаревска, за Локално вели, дека партиите ќе го решат проблемот само доколку кандидираат повеќе жени.
– Постојано ги слушаме партиите како „вадат“ на рејтингот на една личност. Дали во анкетите ставиле жени за да направат споредба, или пак го пресметувале само рејтингот на мажите. Ако бараш рејтинг на мажи ќе добиеш и таков рејтинг. Тоа се решава лесно, преку кампањи и промоции на жените. Родовата еднаквост е стратешки приоритет на Владата, кој пред се треба да го исполни преку балансирано учество на жените во политичкиот живот. Во спротивно е мртво слово на хартија. Ова е барање на организациите за родова еднаквост со години наназад. Проблемот е утврден во бројни извештаи на нацинално и меѓународно ниво. За да се постигне родова еднаквост мажите треба да се откажат од своите привилегии и да направат место за жените во политиката. Власта на СДСМ и коалициските партнери, најдобар рејтинг ќе постигнат со тоа што ќе ги исполнат ветувањата, вели Дрндаревска.
Според Дрндаревска причината зошто има повеќе „машки полтитички партии“ се застарените закони во областа на уредувањето на изборите на локално ниво, како на пример Законот за политички партии, во кој нема квоти за жени. Поради тоа жените сеуште површно учествуваат во политиката и не се застапени на сите маси каде се донесуваат важни политички одлуки, што го покажа и Преспа форумот, смета Дрндаревска.
Во 2017 година на локланите избори, градоначалнички станаа само пет жени. Во женски раце паднаа Тетово каде градоначалничка е Теута Арифи од ДУИ, Битола го предводи Наташа Петровска, Мелиќие Халими е на чело на Арачиново, Соња Стаменкова во Македонска Каменица и Жаклина Јовановска во Старо Нагоричане. Останатите 75 општини ги предводат мажи.
На локалните избори се избираат градоначалници и советници во 80 општини и за Град Скопје како посебна локална единица. Пред четири години, 45 општини добија градоначалник уште во првиот круг, додека 35 во вториот круг. СДСМ во прв круг победи во 37 општини и во Град Скопје, ВМРО-ДПМНЕ победи во три, а ДУИ во две општини. Во вториот круг, СДСМ победи во 19 општини, ДУИ во осум, а ВМРО-ДПМНЕ во две. Три градоначаници освои Алијансата за Албанците, додека Беса и ДПА освоија по една општина.
И.Т.