ВМРО-ДПМНЕ утрово ги обвини градоначалничката Данела Арсовска, СДСМ, ДУИ и Левица за состојбите во ЈСП Скопје.
-Тие пред само еден месец лажеа, драматично го обвинуваа ВМРО-ДПМНЕ дека е одговорен за тоа што во Скопје нема градски превоз поради доцнење на платите. Но вистината излезе на виделина после помалку од еден месец. И овој месец повторно доцни исплатата на плата во законскиот рок во ова јавно претпријатие иако Советот изгласа субвенции, велат од партијата на Христијан Мицкоски.
Од партијата додаваат дека Арсовска и нејзините коалициски партнери безмилосно ги манипулираа Скопјани, возачите и нивните семејства за ситен поен.
-Да потсетиме, уште кога на вонредната седница се изгласаа 11 милиони евра субвенции на ЈСП, ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше дека претпријатието е бунар без дно поради лошото менаџирање. Тогаш баравме извештај и увид каде и како се трошат народните пари? И тогаш предупредувавме дека после само неколку месеци пак ќе дојдат Данела и менаџерите да бараат пари за плати во ЈСП. По се изгледа нашите предвидувања ќе се остварат многу побрзо, стои во партиското соопштение.
Се откажа штрајкот на вработените во ЈСП, автобусите редовно сообраќаат. Откако Синдикатот на Јавното претпријатие најави прекин на работата поради неисплатените јануарските плати, се предомислија.
Од менаџментот на Јавното претпријатие, добиле објаснување дека поради технички причини доцни исплатата и ветиле оти во текот на денешниот ден вработените ќе ја добијат јануарската плата.