Зошто Пригожин се сврте против своите: „Сите платенички групи работат во корист на државата, Вагнер нема да делува спротивно на Русија“

од Nikola Popovski
1,K прегледи

Во Русија завладеаа немири за време на викендот кога Евгениј Пригожин започна бунт и ја нападна Руската федерација со своите платеници од групата Вагнер и се упати кон Москва. Меѓутоа, како што обидот за државен удар започна нагло, ненадејно и заврши. Имено, во саботата вечерта инцидентот бил разрешен со посредство на белорускиот претседател Александар Лукашенко, близок соработник на рускиот лидер Владимир Путин. Постигнат е договор, според кој, како што изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, шефот на Вагнер се согласил да ја напушти Русија и да замине во Белорусија како дел од договорот за прекин на неговиот вооружен бунт, додека обвиненијата против него за организирање на бунтот ќе бидат отфрлени. Песков додал дека Путин и белорускиот лидер ја гарантираат личната безбедност на Пригожин.

Сепак се уште останува нејасно зошто Пригожин се откажа од пучот и како целата напната атмосфера се смири за речиси неколку часа. Поранешниот министер и универзитетски професор, Оливер Андонов во разговор за „Локално“ вели дека карактеристично за Русија е што таму променет не е системот на владеење, па оттаму информациите за состојбата не стигнуваат навреме.

проф. Оливер Андонов

-Имаме многу попречни информации, спротивни, кои не можеме да ги анализираме прецизно што всушност се случува и што е во позадина. Се претпоставува од претходно дека влегувањето на Вагнер во Ростов е резултат на претходни судири со министерството за одбрана и Шојгу и Герасимов (началник на Генералштабот на руските сили). Факт е дека доктрината на Герасимов не покажа резултати во Украија и Русија е заглавена во една војна во која тешко ќе има исход кои тие би сакале да го постигнат. На внатрешен план во секој случај е интересен настан, според кој може да се толкува дека навистина има судир меѓу Пригожин и Путин, а од друга страна може да е измислено сценарио бидејќи не видовме воени дејствија туку едноставно руската армија си постапуваше како со свои единици таму. Тоа што се слушна дека воздушни сили дејстувале по колони на Вагнер, тоа е малку чудно, анализира Андонов.

Како што вели, причините кои доведоа до тоа е нередовното логистичко снабдување на единиците на Вагнер кога беа кај Бахмут и дејството на руските сили по теренските кампови на Вагнер по Украина.

-Дали можеби некој од МО сака да се пресмета со Вагнер или се работи за слабости на руската армија во логистика, дали Путин наредил на армијата да дејствува по камповите на Вагнер… стои и тоа дека Вагнер е товар за Русија и Путин за следни чекори односно кон договарање со западните сојузници. 25-30 илјади од Вагнер не е мала сила која може да не се согласи да престане со воените дејства. Засега нема прецизни информации, како и зошто под влијание на Лукашенко Вагнер се откажа од тоа што го најавуваше Пригожин дека ќе оди кон Москва и зошто еден дел ќе се префрли, а друг дел ќе се инкорпорира во руската армија, објаснува соговорникот.

Сепак, порачува дека се работи за „меко“ уништување на Вагнер и оставање простор Пригожин да замине настрана од Русија, со што Вагнер ќе престане да функционира, како вовед во нови случувања во Русија или обид на Путин во некои следни чекори.

Андонов порачува дека после ваквите настани во Русија нема да дојде до промена во војната во Украина.

-Украинците немаат доволно луѓе и техника за да можат да постигнат стратешки продор и да ги истиснат руските војници. Тоа е заглавена војна која ќе трае долгорочно. Да имаше Украина доволно сили на едно такво напуштање на Вагнер и влегување во Русија, ќе имаше логика Киев да ја искористи таа работа и ќе вршеше бочни опкружувања на руските сили и ќе го дезорганизираше фронтот. За мене е поинтересно сега со кои Русија ќе ги замени силите на Вагнер во Африка и други земји? Многу малку се зборува за тоа. Ако Вагнер е надвор од законот и припадниците влезат во состав на руската армија, а Пригожин замине, нема да има повеќе посебен штаб на Вагнер, туку Русија ќе има свои војници во африканските земји каде што е сега Вагнер и со тоа ќе биде директно вклучена таму, истакнува професорот.

Професорот и експерт за безбедносни прашања Александар Нацев во разговор за „Локално“ потсетува дека Некаде пред неколку месеци за првпат јавноста беше сведок дека релациите Вагнер-Кремљ се затегнати, по упатените критики од страна на претставници на Вагнер дека руското министерство за одбрана недоволно ги снабдува единиците на Вагнер кои се на фронтот со опрема, оружје и особено муниција.

проф. Александар Нацев

-Она што се случи деновиве може да се гледа како заострување или ескалација на тие несогласувања. Улогата на Лукашенко повеќе ја сметам за театрална отколку пресудна во овој момент. Факт е дека за време на „бунтот“ на Вагнер комуникацијата помеѓу Пригожин и Кремљ (нормално и Путин), беше отворена и работите се држеа под контрола, и покрај најавите на дел од западните медиуми дека Русија е на раб на граѓанска војна. За да се спречи понатамошна (потенцијална) ескалација и да му се даде политичка тежина на Лукашенко, во тој момент можеби најпаметно беше ете тој да биде медијаторот. Сите знаеме дека Лукашенко не прави ништо без одобрение од Путин, оценува Нацев.

Апсолутно смета дека нема „жежок костен“ кога е во прашање Вагнер, а воопшто нема никаква шанса да се случи нешто во Белорусија, кое би било последица на акции на Вагнер.

-Генерално сите приватни воени компании, не само Вагнер, се инструментални во остварувањето на одредени надворешно политички и геополитички активности на Русија (не само во Украина, туку и во повеќе земји во Африка), и не гледам исход во кој овие воени компании би делувале спротивно од руските државни интереси, ни рече професорот.

Тешко е да се предвиди, додава Нацев, како би се одвивале идните дејства во Украина.

-Сведоци сме дека и двете страни во конфликтот, и Украина и Русија, имаат одредени проблеми при спроведувањето на планираните активности и достигнување на зацртаните цели. Веќе и меѓународната јавност и медиумите како полека да губат интерес за случувањата таму, а веќе срамежливо се најавува и постоење на некакви нацрт договори за прекин на огнот. Секоја страна масовно користи психолошки операции за да внесе забуна кај непријателот, но со тоа внесува и одредена доза на забуна кај јавноста, што значи дека треба внимателно да се примаат информациите кои се однесуваат за случувањата во Украина, анализира професорот за состојбите на фронтот во Украина.

Н.П.

Слични содржини