Министерството за здравство го обвини поранешниот министер Беким Сали дека крие од јавноста дека со негово одобрение е направен прием на три модуларни амбуланти во Бутел, Лисиче и Ѓорче Петров.
Лично тој како министер одобрил и ги примил модуларните амбуланти на 23.09.2022, 19.10.2022 и 22.2.2023, со што изведувачот правно требал да ги наплати. Во прилог на ова соопштение ги праќаме сите документи како и одобрението и извештајот од надзорот. Значи, не министерот Меџити, не Владата или кој било друг, туку Беким Сали одобрил дека амбулантите се примени и треба да се исплатат. Потоа, Сали цели 8 месеци решил да спротивно на она што го потпишал, да не плаќа и да остави свесно државата да сноси правни и тешки финансиски последици. Како тоа Сали решил да не плаќа за нешто го одобрил и примил и веќе е во употреба? Дали свесно сакал да изнуди нешто за себе или што точно сакал да постигне должи како одговор. Долгот кој во меѓувреме е акумулиран по основ на камати за доцнење е повеќе од 200.000 евра кои ќе треба да ги платат граѓаните!, велат од МЗ.
Тврдат дека Сали изврши ревизија на сите отворени постапки и долгови кои ги има министерството, меѓу кои долгот за одобрените и примените амбуланти.
За овој случај, односно дали воопшто треба да се иницира плаќање, министерството направи писмена консултација со Државно правобранителство. Од таму е добиено писмено мислење дека амбулантите мора да се исплатат по приемот. Беким Сали треба да се срами што манипулира со јавноста и ги потпалува граѓаните. До овој момент, како што информиравме вчера, не е исплатено ништо за амбулантите додека Владата не донесе одлука за тоа, истакнуваат меѓу другото од ресорот предводен од министерот Фатмир Меџити.
Министерството го прашува Сали „зошто направил прием на амбулантите и зошто не плаќал цели осум месеци и не контактирал со никој на оваа тема“.
Ваквата реакција следува откако денеска поранешниот министер за здравство, член на Алтернатива, на прес-конференција побара оставка од Меџити во врска со сторијата на ИРЛ за пожарот во тетовската модуларна болница.
Тој истакна дека сите постапки за пожарот биле против правдата. Сали рече дека додека бил министер побарал интерна ревизија од секторот за ревизија на Министерството и по неколкумесечната истрага добил препорака од секторот, Министерството за здраство да го раскине договорот за извршување на работите и да не плаќа никаква оштета на извршителот до крајот на судскиот процес.
Сали посочи дека и покрај препораките на внатрешната ревизија, неговиот наследник Меџити преку Владата, иницирал исплата на долгот кон оваа компанија.