Зошто СДСМ треба да гласа за Мирослав Лабудовиќ

„Или си СДСМ или не си“ е новото „и магаре да е ако е од ВМРО (ДПМНЕ-мицковистичко) ќе го гласам“ – и ако некогаш таа сеирџиско-антрополошка дефиниција или барем карактеристика метафорично беше дескрипција на повеќето гласачи на мицково ДПМНЕ, изгледа за жал истoто отсега може да важи и за некои од СДСМ“

од Nikola Popovski
79 прегледи

Можат колку сакаат некои од СДСМ да продолжат со карикатурално негирање на вистината и фактот на изборниот пораз, како палјачо на поствистината и нивните Рој Кон-овски адвокатско-мафијашки правила за негација на вистината – не признавај ништо, негирај се; и – што и да се случи, прогласи победа и никогаш немој да признаеш пораз. Додуше, така повеќе наликуваат на една друга позната карикатура за нојот со главата во песок некои таму што изгубија на изборите, и кои веќе уште истата вечер требаше да си поднесат оставка, посебно госпоѓата што се возела со автобус на работа, бившата министерка за нешто која изгуби, замислете го тој виц, дури и од оние левите кои никој нормален човек не ги третира политички сериозно. „Или си СДСМ или не си“ е новото „и магаре да е ако е од Вмро(дпмне-мицковистичко) ќе го гласам“ – и ако некогаш таа сеирџиско-антрополошка дефиниција или барем карактеристика метафорично беше дескрипција на повеќето гласачи на мицково ДПМНЕ изгледа за жал истата отсега може да важи и за некои од СДСМ.

Не знам дали катастрофалниот пораз на СДСМ и на овие избори е резултат и на некои валкани политички договори слично на ланските, или е резултат на незнаење и скромно политичко искуство на нивното раководство, но знам што за почеток треба да направат за да започнат процес на реконституција врз нови принципи и модели на дествување. Се разбира, доколку нивниот пораз кои попусто се обидуваат лажно да го претстават како некаков успех е навистина од незнаење и ненамерни грешки (познатиот карикатурист Блаже Докуле има една многу забавна карикатура по повод нивниот „успех“ – на која е претставен некој од СДСМ потонат во вода со подигнат транспарент на кој пишува „имаме одлични резултати на изборите“). На тие, да се надеваме ненамерни грешки навреме добронамерно укажуваа многумина, меѓу кои и јас – Шукова наместо Ралев, ниту минимална соработка со ДУИ наспроти цврстата и сеопфатна соработка и размена на гласови меѓу Дпмне и Влен (што, да потсетиме бидејќи можеби не е случајно или незнаење, според информациите било една точка од договорот меѓу Заев и Мицкоски), не-кандидирање на Костадинов во Струмица, внесувањето на се поголем број на ликови од времето на Заев во највисокото раководство, итн. Меѓутоа, и покрај сето тоа јас мислам дека главна причина за нивниот титаник-пораз е воопшто погрешниот пристап кон режимот и нивниот избор на модел за соработка со истиот, а кој можеше да се гледа на дело сето време преку некакви работни средби на Венко во Владата и формирање на работни групи за закони, срдечни насмевки со Гордана, предлози за некакви заеднички црвени линии наместо директно поднесување на амандмани на Уставот, очигледната соработка (да не кажам субмисивност) во Собранието итн. Додуше, во кампањата на мигови имаше зачудувачки жестока политичка реторика односно иако за време на изборната кампања реториката на Претседателот на СДСМ беше мошне (оправдано и логично) остра, сепак беше предоцна и премалку за да се промени општата перцепција кај гласачите за кооперативноста кон режимот која беше манифестирана повеќе од цела година наназад, од 8 Мај лани. И тоа е патот по кои треба да чекори СДСМ, а ла Данела метод и стил против режимот! Затоа, тврдам дека се додека не се воспостави таков соодветен модел за опозициско делување во диктатура, за што има бројни историски примери, за СДСМ ќе продолжат да се цртаат карикатури од кои набрзо ќе може да се направи посебна изложба, и се повеќе луѓе ќе мислат како нивната поранешна висока партиска функционерка Софија Куновска.

Можеби на некои помалку упатени во политика на прв поглед ќе им изгледа чудно, но тврдам дека прв чекор, прва постапка која СДСМ треба да ја направи за креирање на нов модел на опозициско дејствување е да гласа за Мирослав Лабудовиќ во општина Центар, во вториот круг на изборниот циклус кој ќе се одржи во недела. Имено, бидејќи немам толку време да се занимавам со локални политики и со небитни или не толку битни политички ликови, до неодамна мислев дека актуелниот градоначалник на општина Центар, некојси Герасимовски, е од дпмне мицковистичко. Кога и да ги читав весниците постојано, колку што се сеќавам, ми излегуваа фотографии на кои беше во дружба со функционери и министри на мицковистичко дпмне, а ми беше чудно и сомнително и тоа што постојано ја критикуваше Г-ѓа Данела Арсовска (која е апсолутен политички херој на нашето време и идол на борбата против режимот), па затоа се изненадив кога некаде пред неколку месеци прочитав дека е од СДСМ, и тоа го проверив неколкупати бидејќи не ми се веруваше. Меѓутоа, уште поголемо изненадување беше кога Претседателот на СДСМ Венко Филипче пак го кандидираше,после сета таа соработка односно колаборација со режимот, нешто кое на пример не беше карактеристика за Костадинов во Струмица, токму напротив. Истиот градоначалник (од СДСМ, нели) деновиве, кога кулминираше политичкиот и изборен судир меѓу Дпмне и СДСМ, верувале или не, иницирал средба на ЗЕЛС, каде што, погодете кој е Претседател – па Орце Ѓорѓиевски, кандидатот за градоначалник на Скопје од Дпмне. Потоа се сетив и дека кога Костадинов бараше поддршка од својата партија СДСМ да го напушти ЗЕЛС како партизирана институција во функција на режимот, истиот лик беше против тоа, а неговото противење и неговата присутност во прорежимските медиуми и на МИА до ден-денес е симптоматична. Наместо средба со Данела, која е сеуште градоначалник на Скопје, човекот што, нели, е од СДСМ, отишол среде избори кај Орце во ЗЕЛС и со тоа директно му помогна во кампањата, па на некој начин барем индиректно и на кампањата на Дпмне, демек ете режимот се грижи и за општините кои се предводени од СДСМ, и слично . Уште повеќе, актуелниот Претседател на СДСМ треба да се загрижи и од следниот негов одговор  – „Запрашан зошто добил околу 2.500 гласа повеќе од советничката листа на СДСМ, Герасимовски посочи дека тоа е доказ дека граѓаните ја ценат неговата лична ангажираност и резултатите што ги постигнал во претходниот мандат.„Граѓаните ја тргаат политиката настрана кога станува збор за локалната самоуправа и ја вреднуваат нашата заедничка работа. Поддршката е за човекот што четири години работеше за нив, а не за партијата. Центарците гласаа за личност, не за политика,“ рече тој“ (Skopjeinfo.mk., И Герасимовски се огради од Филипче – „тргајќи ја политиката настрана, очекувам победа во вториот круг“, 24 Октомври 2025).

Не ме интересираат толку обвинувањата на Минчев за некакви врски со градежна мафија и Заев како и интересните експликации и прогнози на Богдановиќ (претходниот градоначалник на општина Центар од СДСМ), како и критиките на „Шанса за Центар“ кон Герасимовски туку првенствено политичките процеси во мициленд – и затоа поважно за тој аналитички дискурс е дека конкретната персона според наведените факти и политичко однесување, практично може да се означи како некаков егземплар, олицетворение на тој губитнички модел на колаборационизам со режим, нешто кое беше карактеристика за СДСМ во изминатите година и 5 месеци но амплифицирано. Изговорите од типот дека тоа е локална самоуправа и дека не треба да има партиски политики и „поделби“, дека за доброто на граѓаните мора да се соработува со системот и слично се приказни за мали деца – па тогаш зошто барал партиски мандат од СДСМ, зошто не се кандидирал како граѓанин, менаџер, независен кандидат, туку барал политичка кандидатура? И токму тој модел што и емпириски верификувано е губитнички во режимот во мициленд, мора да биде напуштен од СДСМ како една од главните причини за катастрофалниот пораз на овие избори. Оттаму, победата на Мирослав Лабудовиќ, кој инаку е исклучително интелигентен човек судејќи според неговите јавни настапи, би било всушност победа на СДСМ. И обратно, поразот на актуелниот градоначалник на општина Центар, од СДСМ нели, би била победа на СДСМ! Дополнително, на тој начин, со гласање за Лабудовиќ, веројатно ќе се воспостават некои канали на политичка и идеолошка комуникација со Знам, што сигурно е подобра можност и хоризонт за соработка отколку сервилност кон мицковистичко Дпмне и Влен.

Што било – било; тој процес на прагматична реконституција на СДСМ е потреба на времето и народот и затоа е историска одговорност. После овие резултати на локалните избори нема сомневање дека диктатурата на режимот е зацврсната и дека перспективите за развиток на било кои аспект од општеството се затворени за подолг период. Процесот на осознавање и радикален пресврт во политичкото дејствување на СДСМ е неопходен за колку- толку и какво-такво нивно враќање на политичката арена во мициленд како релевантен политички субјект; во спротивно, дури и оние несериозни ликови од левица ќе почнат да ги победуваат на избори како што впрочем и се случи тоа сега во Скопје. Со политички колаборационизам како пристап и метод наместо бескомпромисна и тотална критика на се постоечко во режимот, СДСМ ќе продолжи да им биде интересен само на –  карикатуристите. И затоа во недела СДСМ со своја одлука, или барем членовите и симпатизерите на СДСМ поединечно, треба да го започнат тој нов почеток токму со гласање за Мирослав Лабудовиќ, со гласање всушност за себеси, за СДСМ.

Д-р Тони Науновски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.