Зошто се калкулира со влезот на црната листа на САД во македонското законодавство: „Законот за рестриктивни мерки може да влијае на изборниот резултат доколку опозицијата продолжи да се спротивставува во Собранието“

од Nikola Popovski
458 прегледи

Секое ново ажурирање на американската црна листа со актуелни и бивши функционери од Македонија, ја засилува потребата од итно донесување на Законот за рестриктивни мерки. Дел од јавноста се уште прашува зошто нема санкции за функционерите кои се најдоа на „црната листа“ на САД. Власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања за законот со кој се предвидува Катица Јанева, Стевче Јакимовски, Рамиз Мерко, Кочо Анѓушев, Орце Камчев, Сашо Мијалков, Никола Груевски и членовите на нивните семејства да не можат да извршуваат јавна функција. Лидерот на СДСМ го обвини пратеникот Милошоски дека го блокира неговото носење. Претседателот на ДУИ, Ахмети ја поздрави најновата одлука на САД за проширување на „црната листа“, додавајќи дека Законот за рестриктивни мерки мора да се одблокира.

Политикологот и граѓански активист, Тони Поповски оценува дека предложените измени на Законот за рестриктивни мерки најдиректно придонесуваат за спречување на корупцијата, бидејќи, како што вели, корупцијата и злоупотребата на службената должност ќе се вградат како дополнителна основа за воведување рестриктивни мерки.

Тони Поповски

-Не помалку значајно е што на овој начин ќе се унапреди доброто владеење особено од аспект на зголемување на одговорноста и отчетноста како и ефикасноста и ефективноста на јавното обвинителство и надлежните судови. Впрочем тоа било, а и во моментов е императив на реформата во судскиот систем, па оттаму и потребата при носење на конечната одлука во Собранието да не се заборави или потисне генералната цел на реформата, наспроти тековната полемика во правните кругови и разлики во мислење за одредени детали. Тука ризикот е поради неколку „дрвја“ да не можеме да ја согледаме шумата па и да излеземе од оваа шума на предизвици, вели Поповски во разговор за „Локално“.

Имам впечаток, додава политикологот, дека убедливо поголем дел од јавноста токму поради овие причини и поради очекувањето порешително да се исчекори со реформата на судскиот систем и без оглед на политичката, етничката или партиската припадност, ги поддржуваат овие измени на законот. Дециден е дека овие измени на Законот, може да влијаат на изборниот резултат само доколку опозицијата продолжи со активно спротивставување на нивно носење во Собранието.

Владата, која го „турка“ овој закон, смета дека отворањето на поглавјата од ЕУ преговорите и членството во ЕУ ќе ни помогне во истата насока. Сепак енигма е дали повторно ќе гледаме екс-функционери кои чекорејќи низ судските лавиранти, на крајот ќе излезат „чисти“? Според Поповски, со отворањето на првиот кластер на поглавја наречен „Фундаменти“ или “темели/основи“ и усвојувањето на двата патокази, за владеењето на правото и за реформа на јавната администрација како и на Акцискиот план за остварување на човековите права, ќе влеземе во една квалитативно сосема поинаква фаза на реформи, не само по однос на спречувањето на корупцијата како значаен предизвик кој е предмет на адресирање во патоказите.

-Досега, бевме субјект на поинаков и полежерен мониторинг и евалуација на направеното, а со почетокот на преговорите мониторингот и евалуацијата ќе се спроведуваат многу поригорозно од страна на Европската Комисија. Впрочем, тоа е и очекување на граѓаните, а истовремено и еден од клучните аспекти кои го формираат јавното мислење во полза на европските интеграции и потребата од нивно забрзување, посочува соговорникот.

Според него, не треба да заборавиме дека имаме успешно спроведен скрининг процес, подготвени нацрти на сите документи, но преговорите се фактички блокирани од нова година наваму, поради недонесени уставни измени и категорично спротивставување на опозицијата.

-Во прашање е посветеноста на изградба на правна држава и овозможување на непречено владеење на правото, или на политичката агенда сепак се’ наметнати други прашања како поприоритетни, објаснува Поповски.

Лицата кои ќе се најдат на црни списоци од САД и Велика Британија ќе бидат процесуирани и во правниот систем на нашата држава. Ова го предвидуваат измените во Законот за рестриктивни мерки кои добија зелено светло на владината седница од новата техничка влада и се очекува да бидат поднесени до Собранието. Институцијата предлагач мора да ги испрати сите материјали и докази до Јавното обвинителство. Со измените и дополнувањата на Законот, според образложеното од предлагачот, Министерството за надворешни работи, се додаваат и правните акти на САД и Обединетото Кралство – во основите што овозможуваат користење рестриктивни мерки. Со постоечкото законско решение, Република Северна Македонија постигна стопроцентна усогласеност со европската надворешна и безбедносна политика, во однос на одлуките на Европската Унија за рестрикции – и актуелното законско решение овозможува користење рестриктивни мерки врз три основи: задолжителни резолуции на Советот за безбедност на ОН, правни акти на ЕУ и другите меѓународни организации, во коишто државата е членка, како и по барања/правни акти на други држави, поврзани само за пролиферација на оружје и тероризам. На овие основи сега се додаваат и правните акти на САД и Обединетото Кралство.

Минатиот месец владата ги достави до Собранието предлог-измените на Законот за рестриктивни мерки. Следната седница во Собранието е закажана за крајот на март. До тогаш партиите ќе треба да обезбедат консензус за тој да го помине првиот филтер. Времето за тоа е кратко бидејќи овој парламентарен состав се распушта на почетокот на наредниот месец.

Н.П.

Слични содржини