Зошто се кочи екстрадицијата на Палчо: „Многу е битно какви докази се доставиле – имаме добри односи со Турција, но и замерки за ѓуленистите“

од Nikola Popovski
1,2K прегледи

Македонска делегација предводена од министерот за правда Кренар Лога ќе престојува во Анкара на 8 февруари, каде ќе има средби со официјални турски претставници. Како што е соопштено, едно од прашањата за кое ќе се разговара е екстрадицијата на Љупчо Палевски – Палчо, главниот осомничен за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Од Министерството за правда потенцираат дека не можат да споделуваат официјални информации за тоа кога Палевски би бил екстрадиран и колку може да остане во Турција е прашање за турските власти.

Зошто се одолговлекува екстрадицијата? 

Стефан Буџакоски, универзитетски професор и поранешен висок полициски оперативец во разговор за „Локално“ вели дека екстрадиција од сите држави е строго предвидена процедура согласно законот и таа мора да биде идентична со барањата од државата-барател и државата-испорачител.

Тоа значи дека прво постојат одредени меѓународни правила што значи дека делото треба да постои и таму и кај нас и тоа е исполнето.

-Понатаму е барањето треба да се достават докази кои ќе ја убедат државата од која се бара екстрадиција, дека за лицето има доволен број докази кои што упатуваат дека тој е сторител на кривичното дело за кое се бара екстрадицијата. Многу е битно какви докази се доставиле за да можат врз основа на нив да се одобри екстрадицијата, посочува Буџакоски.

Кога се работи за ваков случај и дали би можело да имаме одредени политички барања, Буџакоски истакнува дека со Турција имаме добри односи, меѓутоа имаме и одредени замерки во однос на приврзаниците на Фетулах Ѓулен кои пред неколку години се обидоа да извршат пуч во земјата.

проф. Стефан Буџакоски

-Имаме одредени институции кои функционираат во земјава, како што се средношколски установи, за кои беше барано од Турција да престанат со работа, но и Македонија е прибежиште на одредени лица поврзани со Ѓулен. Можно е да има такви барања од официјална Анкара, меѓутоа тие никогаш не се во услов со екстрадицијата, туку во самото пролонгирање на роковите и да се тактизира, оценува професорот по казнено право.

Според него, друго интересно прашање што е малку третирано во јавноста е дека „Љупчо Палевски-Палчо е интересна личност за разузнавачките служби на Турција за одредени состојби во Македонија“.

-Тие сигурно ќе направат одредена анализа на неговите настапи на одредени медиуми низ земјава и врз основа на тоа, ќе видат колку тој располага со сознанија за одредени состојби во Македонија на политички план, во однос на криминалот и корупцијата итн. Можат и во тој дел да го искористат за постигнување нивни цели на Балканот, за да можат тие податоци да ги користат во врбување и заплашување на одредени поранешни, сегашни и идни функционери, тврди Буџакоски.

За тоа дали може Палевски да се спаси од македонски затвор, професорот вели дека намерно биле дадени одредени изјави на одредени министри и смета дека Палчо ќе се гони повеќе политички, отколку за кривичното дело.

-Затоа требаше повнимателно да се настапи бидејќи целото негово бегство е малку сомнително во давање време и простор за тој да ја напушти Македонија, иако претходно се знаело дека тој има некаква врска со исчезнувањето на Вања и Панче. Овде недоставуваат многу елементи за да можеме правилно да дадеме некој коментар, да не направиме грешка, предупредува соговорникот.

Истакнува дека целиот случај навестува дека има нешто поголемо, „дали со дедото на Вања, претходни зделки, измами помеѓу нив…, нешто не е во ред во целата ситуација“.

-Српскиот политичар Срѓан Ного многу добро ги поврза овие работи, може некои се неточни, некои можеби се филовани за да биде атрактивен, но си имаат свое влијание врз вкупното јавно мислење. Се надевам дека правосудните органи нема да наседнат на такви провокации и сите податоци внимателно да ги докажат и проверат или да ги елиминираат со докази, бара Буџакоски.

Од друга страна, професорот по кривично право Гордан Калајџиев вели дека постапката за екстрадиција вообичаено трае релативно долго. Во кратка изјава за „Локално“ вели дека имаше неодамна најави од високи владини претставници дека постапката е при крај, што за него е чиста дезинформација.

-Има повеќе инстанци, политички и судски дел, можности за жалби и сл. Немам информации дали тука ќе има некакви политички на-ти дај-ми. Ќе видиме што ќе каже министерот, истакна Калајџиев.

Канцеларијата на главниот јавен обвинител на Баликесир, Турција, на 11 декември 2023 година му определи екстрадициски притвор на Палчо, во траење од 40 дена.

Министерот Лога на 9 декември изјави оти се надева дека Палчо релативно брзо ќе биде екстрадиран од Турција во земјава. Сепак, како што вели Лога, рано е да се зборува бидејќи уште не се искористени сите правни лекови.

Барањето за екстрадиција доаѓа по апсењето на Палевски на 5 декември во Турција, откако ден претходно беше распишана меѓународна потерница по него како осомничен за две кривични дела – „грабнување“ и две убиства на свиреп начин.

Н.П.

Слични содржини