Зошто во Германија нема повеќе забрани поради коронавирусот?

од Stefanija Kuzmanovska
251 прегледи

Италија е ставена во карантин, Швајцарија и Франција забранија собири на голем број луѓе. Иако во Германија има повеќе од илјада случаи на заразени со коронавирус, се чини дека нема поостри реакции од властите. Зошто?

Причината за тоа треба да се побара во германскиот федерализам. По правило, сојузната влада не може да „владее“ директно, на општинско ниво. Ова е загарантирано со Уставот – регулатива за надлежност. Поради тоа општините, но пред сè 294 окрузи и 107 градови уживаат голема независност. Таму одлучуваат локалните власти, пишува „Дојче веле“.

Одлуките се донесуваат локално, а не централно

На пример, една област во Саксонија веднаш после првиот случај на зараза со коронавирус одлучи да забрани состаноци и собири на кои присуствуваат повеќе од сто луѓе и ги забрани училишните екскурзии. Во Бранденбург, една цела општина во моментов е во карантини – погодени се 5.000 граѓани. Законите за заштита од инфекции се правна основа за ваквите забрани.

Секоја покраина има свој закон за граѓанска заштита и заштита од катастрофи кој може да го активираат покраинските министри за внатрешни работи. Но во моментов во Германија не се расправа за таков тип мерки.

Нема поголеми манифестации?

Федералниот министер за здравство Јенс Шпан предложи настаните со 1.000 или повеќе учесници главно да не се одржуваат сега. Ако се работи за собир на помалку од 1.000 луѓе, ќе биде потребно тоа дополнително да се разгледа. Тоа се однесува и на училиштата, но и на фудбалските натпревари.

Во последните неколку дена, бројот на заразени лица нагло се зголеми на повеќе од илјада луѓе. Некои земји се загрижени за ширењето на вирусот во Германија и воведоа заштитни мерки.