Зошто Закаријаш вели дека „македонскиот јазик бил дел од бугарскиот“?

од Nikola Popovski
538 прегледи

Македонскиот јазик порано беше бугарски, рече португалската државна секретарка за европски прашања, Ана Паула Закаријаш и предизвика бурни реакции во Скопје. Премиерот Зоран Заев најави дека Министерството за надворешни работи ќе реагира на спорната изјава.

„Преговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија се тешки … Тие се очигледно поврзани со јазикот во Северна Македонија, кој некогаш бил дел од бугарскиот“, рекла Португалката.

Почетокот на преговорите меѓу Северна Македонија и Албанија со Европската унија е блокиран со месеци, бидејќи Бугарија инсистира на решавање на прашањата поврзани со македонскиот национален идентитет и јазик.

Европските дипломати, кои со месеци ја критикуваа позицијата на Бугарија во спорот, се надеваа дека заминувањето на владата на Бојко Борисов брзо ќе го реши проблемот.

Дипломатски извори во Брисел велат дека мнозинството членки на ЕУ ја сметаат позицијата на Бугарија кон почетокот на преговорите со ЕУ за „неодговорна и неодбранлива“ и дека Софија поради тоа „губи пријатели со голема брзина“.

Бугарскиот претседател Румен Радев, пак, смета дека техничката влада успеала „јасно да ги претстави“ ставовите на Софија пред другите членови во последните месец и половина.

„Мислам дека сфатија дека обвинувањата против Бугарија се неосновани“, рече Радев.

Во 2017 година Бугарија и Македонија потпишаа Договор за пријателство, добрососедски односи и соработка, што Скопје го смета за единствен предуслов за започнување преговори со ЕУ.

Властите во Софија, пак, сметаат дека пред почетокот на преговорите е потребно да се решат прашањата поврзани со македонскиот национален идентитет, односно прашањето за јазикот и идентитетот на националните херои, вклучително и Гоце Делчев.

Бугарија е единствената земја што го блокира почетокот на преговорите на Скопје со Европската унија.

Софија инсистира на тоа македонскиот јазик да се нарече официјален јазик на Република Северна Македонија, или во одредени случаи фуснота со образложение: „Според Уставот на Република Северна Македонија“.

Бугарија, исто така, наведува дека „македонскиот јазик настанал во 1944 година“, и дека може да се смета само како „пишана регионална форма на бугарски јазик“.

Слични содржини