Зуле верува дека може да стане шампион со Борусија

од Vladimir Zorba
324 прегледи

Германскиот фудбалски репрезентативец, Никлас Зуле кој го напушта Баерн Минхен и од следната сезона ќе ја предводи Борусија Дортмунд изјави дека верува во способноста на тимот да ја освои титулата во Бундеслигата.

„Секако дека верувам дека можеме да станеме шампиони. Одлуката да потпишам со Борусија ја донесов со чист ум и целосно сум убеден во тоа“, изјави 26-годишниот Суле за „Sport Bild“.

„Возбудувањата кога играв против Борусија Дортмунд секогаш беа големи. Мојот втор натпревар во Бундеслигата, кога имав 17 години, беше во Дортмунд и добив неколку минути. Оттогаш, Дортмунд отсекогаш бил некако посебен за мене. Затоа сега имам силно чувство за исчекување“, изјави Никлас Зуле.

Запрашан како управата на клубот го убедила да потпише со нив, фудбалерот откри дека е импресиониран од зборовите на шефовите кон него и од начинот на кој ја претставиле неговата идна улога во тимот.

„Бев импресиониран од плановите на Борусија за мене. Клубот сака да го направи следниот чекор со мене, а јас токму тоа го сакам. Целите се високи. Разговорот не беше за пари ни секунда, а јас брзо сфатив што сакам да направам“, објасни Зуле.

Тој изјави дека кога му била доделена шампионската титула на Баерн, некои од соиграчите му рекле дека последен пат го држи трофејот во раце.

„Реков ќе видиме“, изјави дефанзивецот и на шега додаде дека тренерот Марко Розе очекува тој да не прими ниту еден гол следната сезона.

„Можеме и сакаме да станеме шампиони на Германија“, заклучи Никлас Зуле.

Слични содржини