Зверев незадоволен по финалето во Мадрид, ги нападна АТП: „Ова е срамота!“

од Vladimir Zorba
310 прегледи

Германецот Александар Зверев беше убедливо поразен од Карлос Алкараз во финалето на Мастерсот во Мадрид (6:3, 6:1), а за лошото издание ги обвини АТП и распоредот на натпреварите.

Зверев, да потсетиме, во неделата околу 1 часот по полноќ го заврши полуфиналниот дуел со Стефанос Циципас, а ноќта претходно, до по полноќ, траеше дуелот со Феликс Оже-Алијасим.

„Морам да кажам дека работата на АТП оваа недела беше апсолутен срам. Пред два дена си легнав во 4:00, 4:30 наутро. Вчера си легнав во 5 часот и 20 минути наутро“, беше лут Зверев на прес-конференцијата.

И покрај се, Германецот признава дека можеби и во идеални услови нема да го победи 19-годишниот Шпанец, но верува дека би обезбедил подобро издание.

„Ако некоја нормална личност оди да спие една вечер во 4 часот наутро, следната вечер во 5 часот наутро, ќе и биде тешко само да биде будна, а јас играв финале на турнирот Мастерс 1000 против Алкараз, кој е најдобар играч за мене во моментов во светот“, посочи тој.

„Немав координација на мој сервис, немав координација на удари… Денеска немав апсолутно никаква шанса. Немав апсолутно никаква шанса да играм на мое ниво. Ова не е прв пат да се случи. Играв во Акапулко до 5:00 часот, а бев буден до 8:30 наутро. Да бидам искрен, малку сум уморен од тоа“.

На Зверев му пречи што сите зборуваат за убедливиот пораз, а никој не спомнува отежнувачки околности.

„Во Мадрид ми беше одземена шанса и на крајот на денот сите забораваат на тие работи. Никој не зборува за тоа. Сите велат: „Да, тоа беше лош натпревар, направив двојни грешки, не играв добро и сето тоа.“ Но, погледнете што се случи претходните денови. Погледнете што се случува зад сцената. Мислам дека не е многу фер“, заклучи Зверев.

Слични содржини