Во Кавадарци поставени 200 камери за безбеден град: МВР со директен пристап

од Илинка Илиоска
12 прегледи

 Преку проектот „Безбеден град“ ќе спасиме многу човечки животи, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски во Кавадарци, каде заедно со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и директорот на Бирото за јавна безбедност, ја посети кавадаречката полиција.

– Направивме увид на системот „Безбеден град“ што е инвестиција на општината, но во периодот што следи треба да биде интегриран на оној поголем систем што планира МВР да го реализира. Тоа е многу важно, степенот на криминалитет е драматично намален, тоа е нашата цел да спасиме што е можно повеќе човечки животи, еден човечки живот загубен е трајна загуба за семејството и за државата и затоа сме решени како Влада преку МВР овој проект да го истуркаме до крај, да се реализира на целата територија на Македонија бидејќи убедени сме дека ќе спасиме на тој начин многу човечки животи. Нема да биде тоа можеби веднаш офанзивн, ќе има своевидна кампања, ќе има тест период да се уверат граѓаните дека мора да се почитуваат законите и дисциплинирани да бидат во сообраќајот не само сообраќајот и насекаде, ако сакаме да спасиме човечки животи што е можно повеќе, бидејќи еден загубен е непроценлива загуба, нагласи премиерот.

Тој нагласи дека поддршката од страна на Владата е недвосмислена и дека ќе продолжи во таа насока.

– Таа е јасна и продолжуваме во таа насока. Мора да има дисциплина, мора да има ред и мора да има владеење на законите, анархија, стихија, безредие не водат кон добро, водат кон лошо, а нашата цел за што ја добивме довербата на граѓаните пред повеќе од четири месеци е токму таа, да владее законот за сите подеднакво, да нема безредие, да нема хаос, да нема криминал или пак тоа да биде во рамките на многу минимална вредност, додаде Мицкоски.

Тој подвлече дека Владата ќе продолжи да инвестира во капитални проекти во Кавадарци.

Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев појасни дека Општина Кавадарци во изминатите пет години инвестираше во повеќе од 220 поставени камери, што првично имаа за цел да се заштити урбаната опрема од несовесни лица.

– Целта беше постигната. Тие камери сега се префрлени во ОВР Кавадарци. На почеток превентивно ќе се делува за зголемување на безбедноста, да се видат сите критични или црни точки, да се делува врз намалување на криминалитетот, да биде на најниско можно ниво, да бидат разоткриени и сторителите на криминални дела. Со поставувањето на камерите криминалитетот е во драстично опаѓање, околу 40 проценти се намалени кривичните дека. Со помош на камерите, се расчистени повеќе  од 30 проценти од кривичните дела. Доста намалени се и прекршоците, истакна Јанчев.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски рече дека Општина Кавадарци со сопствени средства го создало овој систем, што сега го споделува со МВР.

– Со овој систем ќе го подигнеме квалитетот на работењето на министерството. Факт е дека криминалитетот е намален откако камерите биле пуштени во употреба. Со наша посветеност и функционалност во рамките на системот во министерството, ќе ја подобриме и така веќе подобрената фактичка состојба. Ќе сториме се што е во наша можност максимално брзо и ефикасно да ги ставиме во функција овие технолошки системи што ги нуди 21 век, со цел побезбедно општество, подвлече Тошковски.

Тошковски сподели дека во земјава годишно се губат и до 140 човечки животи и подвлече дека таа бројка мора да се намали. Со овој проект, додаде тој, се покажува борбата за безбедност на македонските граѓани.

Градоначалникот се осврна и на 26 капитални  проекти што се реализираат и осум што се во фаза на апликација.

Во кавадаречкото село Дреново денеска беше поставен камен темелник за објект со спортска сала за ученици и простории за месната заедница и културниот дом во селото. Јанчев појасни дека Општина Кавадарци заедно со Владата има инвестирано и одобрено прилично средства во Дреново, село со околу 700 жители.

Посетено беше и местото, каде што се гради дневен центар за сместување, заштита и работа со лица со попреченост. Јанчев рече дека деведесет проценти од проектот финансираат Министерството за труд и социјална политика и Владата, а десет отсто Општина Кавадарци.

Слични содржини