Јотова денеска во Битола во приватна посета

од Nikola Popovski
299 прегледи

Потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова во приватна посета и сопствена агенда денеска ќе присуствува на традиционалното оддавање почит на бугарските воени гробишта во селото Цапари, битолско, соопштија од прес-службата на бугарската претседателка.

Гробиштата биле формирани за време на Првата светска војна, кога таму биле погребани 214 бугарски војници и офицери. Тоа се првите обновени бугарски воени гробишта на територијата на Северна Македонија, стои во соопштението.

Илијана Јотова ќе присуствува и на отворањето на изложбата „125 години бугарско дипломатско претставништво во Битола“ во Генералниот конзулат на Бугарија во градот и на презентацијата на книгата „Досие Галичица и скршената судбина на Панде Ефтимов“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го коментираше доаѓањето на Јотова.

-Јас не би сакал да верувам дека е тоа провокација. Македонија е слободна земја, ние сме гостољубив народ и секој кој што е дојден со чесна, добра намера ќе биде добредојден. Доколку нема чесна намера и доколку оваа посета се користи за политичка провокација, тогаш треба да наиде на осуда од страна на властите, на осуда на граѓаните од Битола и од сите политички и општествени чинители. Но јас сум уверен и се надевам дека посетата е од приватен карактер и е со добра намера, а не со намера да се испровоцира скандал и реакција од страна на овој мирољубив народ“, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање како ја коментира посетата на бугарската потпретседателка.