Руската надворешна трговија се врати на нивото на кое беше пред почетокот на војната во Украина, а санкциите што Западот ги воведе кон Москва не го постигнаа посакуваниот ефект.
Компаниите од многу западни земји не ги прекинаа целосно трговските врски со Русија. Како што истакнуваат аналитичарите на „Њујорк Тајмс“, една неодамнешна студија на швајцарскиот универзитет Сент Гален покажа дека помалку од девет проценти од компаниите со седиште во Европската унија или во една од земјите од Групата 7 целосно престанале да работат на територијата на Руската Федерација.
Се додава дека неодамнешните анализи покажуваат дека надворешната трговија со руските соседи и сојузници како Турција, Кина, Белорусија, Казахстан и Киргистан е нагло зголемена и дека тие земји успешно ѝ обезбедиле на Русија многу производи кои западните земји се обиделе да ги ускратат.
„Њујорк тајмс“ оценува дека „руската економија се покажала како изненадувачки отпорна“, и ја доведува во прашање ефективноста на санкциите што западните земји ѝ ги воведоа на Русија.
Како што се наведува, и покрај санкциите, истражувањето на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) укажува на издржливоста на руската економија.
Според ММФ, проектираниот раст на БДП на Русија годинава ќе биде 0,3 отсто, иако претходно се проценуваше дека ќе забележи пад од 2,3 отсто, пренесува „Танјуг“.