Ќе ги „честат“ ли скопските општини своите вработени за Нова година? Организирана прослава да, но нема да се „чепка“ касата

од Nikola Popovski
241 прегледи

Украсувањето на општините во Скопје во пресрет на празниците, речиси секоја година зависи од неколку фактори, а најмногу од финансиите. Покрај тоа, во екот на новогодишните празници, доаѓа и до организирање на забави и неформални дружби со колегите и празнична еуфорија. Иако голем дел од општинската администрација би сакале тоа да се случи, сепак останува прашањето дали општините „ќе ги почестат“ своите вработени или тоа ќе биде на нивен трошок.

„Локално“ контактираше дел од општините во Скопје, од каде што посочија дека или воопшто не се организираат прослави или се остварени без даден денар од нивните каси.

Општина Карпош досега не организирала таква прослава и според најавите нема да ја организира.

-Општината не планира да организира предновогодишна прослава за администрацијата, кратко одговорија за „Локално“ од општината предводена од претседателот на ГРОМ, Стевче Јакимовски.

На истиот став се и од општина Кисела Вода. Од таму не информираа дека не планираат организирана прослава.

-Тоа е само индивидуално ако има преку Синдикатот, во спротивно општината не планира прослава на нејзина сметка, појаснија од општината.

За разлика од нив, општина Центар организирала таква прослава, но без дадени пари од касата на општината.

-Во однос на Вашите прашања во врска со новогодишната прослава за вработените, ве информираме дека истата е веќе реализирана и дека за истата потрошени се 0 денари од општинскиот буџет, ни одговорија од општина Центар.

Општина Аеродром пак, не информира дека во нивниот Буџет за оваа година не биле планирани финансиски средства за прослави.

-Општина Аеродром во буџетот за 2022 година нема планирано средства за новогодишна прослава на вработените и трошоци за репрезентација (пакетчиња). Имајќи ги предвид антикризните мерки и политиката на одговорно трошење и штедење, новогодишната прослава нема да биде покриена со средства од буџетот на општината, посочија од општината предводена од потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски.

Од таму додаваат и дека нивната општина не дале никакви финансиски средства за непродуктивни трошоци и репрезентација.

-Напоменуваме дека Аеродром е прва општина која оваа година средствата за непродуктивни трошоци и репрезентација ги намали на нула денари. Имено, градоначалникот Муцунски на вчерашниот настан во чии рамки ги презентираше плановите за 2023 година најави дека домаќинското и одговорно работење продолжува и во следната година, истакнаа од општина Аеродром за „Локално“.

Н.П.

Слични содржини