Додека спиете, не сте сами – десетици ситни осмоножни грини излегуваат од вашите пори и ја започнуваат својата ноќна забава. Иако не можете да ги видите ниту да ги почувствувате, грините демодекс (Demodex spp.) се присутни на телото на речиси секој возрасен човек. Овие ситни без’рбетници, долги од 0,015 до 0,4 милиметри, се наоѓаат на површинските делови од фоликулите на влакната, каде што се хранат со масниот секрет од лојните жлезди.
„Додека спиеме, тие излегуваат, среќни се, се парат, ‘ја посетуваат роднината’, шетаат по нашето лице. Штом ќе се разбудиме, се враќаат во порите“, вели за CNN Алехандра Пероти, вонредна професорка по биологија на без’рбетници на Универзитетот Ридинг во Англија. Ако ова ве згрозува, Пероти порачува дека нема причина за страв. Грините демодекс почесто се наши сојузници отколку непријатели.
„Микроскопски вампири“
Како возврат за тоа што ни ги чистат порите од наталожен лој и нечистотии, ние им нудиме мелатонин – хормон кој нашата кожа го произведува во текот на ноќта и кој ни помага да заспиеме, додека на грините им служи како извор на енергија, објаснува Пероти. Како микроскопски вампири, грините демодекс еволуирале така што ги избегнуваат УВ-зраците, бидејќи тие лесно ја оштетуваат нивната ДНК. Лицето во просек содржи до пет гринки по квадратен сантиметар, но без микроскопски преглед на кожата не можеме да ги видиме.
„Можат брзо да се размножат во текот на ноќта и да предизвикаат демодикоза“
Ако вашиот имунолошки систем е ослабен, бројот на грини може неконтролирано да порасне, што може да доведе до кожни и очни проблеми. „Грините демодекс можат брзо да се размножат во текот на ноќта и да предизвикаат демодикоза“, вели д-р Ричард Локсли, професор по медицина на Универзитетот во Сан Франциско.
„Имуноскомпромитираните лица, како постарите луѓе или пациентите на хемотерапија, се поподложни на развој на демодикоза и можат да развијат воспалителен одговор на самите грини или на бактериите кои можат да ги колонизираат“, објаснува Локсли.
Сè уште не е целосно јасно зошто кај некои луѓе доаѓа до воспаление, вели тој. „Знаеме дека дивите животни немаат болести поврзани со грините, но домашните кучиња и мачки имаат. Можеби проблемот настанал кога сме ја промениле околината и за време на еволуцијата развивме генетски мутации кои ги ослабнаа имунолошките патишта“.
„Воспалението може да се манифестира како розацеа, акни, сувост на кожата и лупење“
„Воспалението може да се манифестира како розацеа, акни, сувост на кожата и лупење, особено на образите, очните капаци, челото и преклопите каде што се наталожува себум“, вели д-р Роберто Рикардо-Гонзалес, вонреден професор по дерматологија на истиот универзитет, кој со Локсли истражувал грини.
„Дерматолозите можат да утврдат дали грините демодекс се причина за иритации така што ќе земат примерок од кожата со помош на лента или лесно стругање и ќе го прегледаат под микроскоп“, објаснува Рикардо-Гонзалес.
„За време на редовен очен преглед, лекарот може да провери дали има восочесто наталожување на јајца и измет од грините на коренот од трепките“, вели д-р Кори Лапин, оптометрист од Охајо. Кај инфекции на капаците, таквата појава е чест причинител на сувост, чешање, паѓање на трепките и повторувачки јачменки.
„Повеќето луѓе воопшто не знаат дека ги имаат“
За повеќето здрави возрасни луѓе нема причина за паника поради присуството на грините демодекс. „Повеќето луѓе воопшто не знаат дека ги имаат – и така треба и да остане“, вели Локсли. „Повеќе штета можете да си направите обидувајќи се да се ослободите од нив отколку едноставно да ги игнорирате. А ако имате проблеми – консултирајте се со лекар“.
И Лапин и Рикардо-Гонзалес препорачуваат редовна хигиена пред спиење, вклучително и благо средство за чистење на лицето кое го отстранува вишокот себум и нечистотии. „Секогаш треба да се отстрани шминката од очите и вештачките трепки пред спиење за да се исчисти областа околу очите и да се спречи иритација на чувствителното ткиво“, вели Лапин.
„Луѓето склони кон акни можат еднаш до двапати неделно да користат топичен ретиноид“, вели Рикардо-Гонзалес, напоменувајќи дека умереноста е клучна во вечерната нега на кожата. „Кај пациенти со нарушена заштитна бариера на кожата – кога кожата е претерано сува или произведува премногу себум поради воспаление или прекумерно миење – грините може прекумерно да се размножат“, предупредува тој.
Важен е квалитетен сон
Истражувањата исто така покажале дека квалитетниот сон е важен, бидејќи го намалува производството на себум, масната супстанца со која се хранат грините. „За лекување на демодикоза, дерматолог може да препише топичен или орален ивермектин за да се врати бројот на грини во нормала“, вели Рикардо-Гонзалес. Меѓутоа, не е можно трајно да се елиминираат. Американската агенција за храна и лекови (FDA) во 2023 година одобри медицински капки за очи за лекување на воспаление на капаците поврзано со грините демодекс, додава Лапин.
Грините демодекс се документирани кај луѓето веќе со векови, а се верува дека децата ги добиваат во контакт со мајката веднаш по раѓањето. Но, Пероти и нејзиниот истражувачки тим во 2022 година откриле дека овие симбиотски суштества би можеле да се наоѓаат во фаза на „еволутивна пропаст“.
„Веројатно ќе изумрат“
„Организмите кои долго живеат во симбиотски однос со домаќинот со текот на времето губат делови од геномот, односно губат гени кои веќе не им се потребни“, вели Пероти. „Претпоставуваме дека тоа ќе продолжи сè додека целосно не исчезнат.“
„Бидејќи немаат предатори, закани од околината, ниту конкуренција, грините не се подложни на природна селекција“, објаснува Пероти. А бидејќи се пренесуваат исклучиво меѓу блиско поврзани луѓе, нивната популација нема генетска разновидност. Со други зборови, се работи за вродено парење во сродство.
„Треба да ги доживуваме како наши сопатници“
Не е познато колку долго ќе трае нивното изумирање, но за Пероти тоа не е причина ниту за славење ниту за тага, бидејќи луѓето со текот на времето веројатно ќе се прилагодат така што веќе нема ни да им бидат потребни. „Со години се зборуваше за нив во негативна смисла. Често се обвинуваа за разни проблеми, но вистинскиот виновник е всушност ослабениот имунитет, не грините сами по себе“, вели Пероти. „Треба да ги доживуваме како наши сопатници“.