Оклахома Сити Тандер на домашен терен го совлада Лос Анџелес Лејкерс со 136:120.
Сепак, натпреварот беше многу изедначен на 7:40 до крајот кога Лука Дончиќ беше исклучен. Дончиќ по брилијантниот пробив и кошот над Исаја Хартенштајн им донесе водство на Лејкерси од 108:107.
Славјето по кошот го зачини со гласна пцовка упатена кон десниот агол на теренот.
Судијата веднаш реагираше и досуди техничка грешка. Бидејќи тоа беше негова втора техничка грешка на натпреварот, Дончиќ мораше да го напушти паркетот.
Американските медиуми јавуваат дека дошло до недоразбирање – судијата мислел дека коментарот на Дончиќ е насочен кон него, додека во реалноста ѕвездата на Лејкерси му одговорил на домашниот навивач кој претходно го исмевал од трибините.
Откако Лука Дончиќ беше исфрлен – по 23 поени на 7/15 шут од поле – Лејкерси целосно го загубија ритамот. Ниту Леброн Џејмс со своите 28 поени и седум скока, ниту Остин Ривс, кој додаде 25 поени, пет скока и пет асистенции, не можеа да го спречат тимот да запише нов пораз.
Тандер го обезбедија првото место на Западот во пресрет на плејофот и сега имаат скор од 65-14. Од друга страна, Лејкерси со скор 48-31 водат голема битка со уште четири екипи со слични рекорди за плејоф позиции.