🎥„Кога мајките се завиени во црно, совеста нема изговор“: Герила акција на „Кој е следен?“ за солидарност со родителите од Кочани

„Со оваа акција сакаме да ги повикаме жителите на Скопје да излезат на солидарниот марш што Здружението “16 март” го организира оваа сабота (15. ноември), во 12:05 на Плоштадот Македонија како зборно место“, соопштија од „Кој е следен“

од Nikola Popovski
23 прегледи Фото: Фејсбук/Принтскрин/Кој е следен

Движењето „Кој е Следен?“ денеска спроведе герила-акција на споменикот на Олимпија, на плоштадот на влезот на Старата чаршија, кој го обви во црно за симболично да ја претстави црнината што мајките на децата во Кочани ја носат последниве 8 месеци.

„Нема болка што ќе ви ја измие вината“, „Кога мајките се завиени во црно, совеста нема изговор“, „Мајките завиени во црнило се огледало на нашата тишина“, „Правда за Кочани“…беа само дел од пораките на транспарентите кои беа истакнати на споменикот.

„Со оваа акција сакаме да ги повикаме жителите на Скопје да излезат на солидарниот марш што Здружението “16 март” го организира оваа сабота (15. ноември), во 12:05 на Плоштадот Македонија како зборно место. Маршот на ангелите ќе продолжи кон Собранието и ќе заврши пред Основниот кривичен суд во Скопје за да повика на правично судење за масакрот во Кочани. Судењето треба да започне на 19. ноември“.

„Кој е Следен?“ ги потсетува македонските граѓани дека нивното движење нема да престане да врши притисок и да се залага за правда за сите жртви на системскиот колапс.

„Болката на Кочани мора да ја почувствуваме сите. Не смееме да дозволиме семејствата да маршираат сами, додека ние си продолжуваме со нашиот секојдневен живот. Тие мора да знаат дека сме заедно во оваа борба, од која никогаш нема да се откажеме.“ – објавувија од „Кој е следен“ во соопштението до јавноста кое го испратија.

Во сабота (15.11.2025) во Скопје ќе се одржи новиот протестен „Марш за ангелите“, во знак на сеќавање на 63-те жртви од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Маршот на семејствата на загинатите, кои инаку секоја сабота маршираат во Кочани, овој пат ќе започне во 12:05 часот на плоштадот „Македонија“, од каде што учесниците ќе продолжат кон Собранието и Основниот кривичен суд Скопје.