Извршниот директор на „Тесла“, Елон Маск, изјави дека САД имале голема корист од талентите од Индија, но предупреди дека некои компании ја злоупотребиле програмата за визи H1-B.
Во поткаст со индискиот претприемач Никил Камат, Маск се осврна и на царинските политики на Доналд Трамп, за кои тврди дека „ги искривуваат пазарите“, објави CNBC.
Во поткаст емитуван минатата недела тој изјави некои компании користеле H-1B визи за да вработат странски работници за „дел од цената на еден американски граѓанин“, додека неговите компании вработуваат странци за да го пополнат „недостатокот на таленти“.
Неговите коментари доаѓаат откако американскиот претседател Доналд Трамп ги зголеми таксите за H-1B визи на 100.000 долари во септември, што непропорционално ги погодува индиските работници кои сочинуваат повеќе од 70% од тие носители на визи.
Сепак, Трамп се чини дека го омекна својот став минатиот месец, кажувајќи за Фокс њуз дека понекогаш е потребна странска работна сила затоа што на САД им недостасуваат „одредени таленти“.
„Секако не мислам дека треба да ја елиминираме програмата H-1B“, нагласи Маск, додавајќи дека тоа би било „многу лошо“.
Маск, чиј однос со американскиот претседател се подобрува по нивната расправија во мај, исто така изрази загриженост во врска со царинските политики на американската администрација. Иако некогаш беше близок соработник на Трамп, Маск откри дека неуспешно се обидел да го одврати од воведување царини.
„Мислам дека слободната трговија е подобра во целина“, рече Маск, објаснувајќи дека царините создаваат нарушувања на пазарот. Тој исто така праша: „Ако царините во рамките на поединечните американски држави би биле катастрофални за економијата, тогаш зошто сакате царини меѓу другите држави?“
Според Маск, „претседателот јасно стави до знаење дека ги сака царините“. Администрацијата на Трамп воведе царини за голем број земји, од кои некои успеаја да постигнат договор со САД за намалување на царините.
Во опсежен разговор со Камат, Маск ја изложи и својата визија за иднината. Тој предвидува дека за помалку од 20 години, работата ќе стане опционална, а концептот на пари ќе „исчезне“.
Вистинската валута е енергијата, верува Маск. „Затоа реков дека биткоинот се базира на енергија. Не можете да ја регулирате енергијата со закон“, објасни тој.
Неговите изјави доаѓаат во време кога биткоинот и другите криптовалути доживеаја остар пад на вредноста во последните два месеци поради сè понегативниот став на инвеститорите кон дигиталните средства.