Нејмар постигна прекрасен гол од корнер и додаде две асистенции за да му помогне на Сантош да го победи Интернасионал Лимеира со 3-0 во првенството на државата Сао Паоло, објави АФП.
„Успеав да изведам добар удар и да го постигнам првиот гол директно од корнер во кариерата“, низ насмевка изјави 33-годишната бразилска ѕвезда.
„Принцот“ Нејмар уште еднаш доби аплаузи од противничките приврзаници – ова е историски гол“, напиша Сантош на своите профили на социјалните мрежи.
Истите тие луѓе го исвиркаа пред да биде изведен корнер во 27. минута од натпреварот. Нејмар во деветтата и во 32. минута направи и две асистенции за соиграчот Тикињо Соареш.
Ова беше втор гол на Нејмар по неговото враќање во Сантош на почетокот на февруари и вкупно 140-ти за неговиот роден клуб во Бразил, за кој дебитираше во 2009 година, пред да се пресели во Барселона во 2013 година.
По четири години минати во Шпанија, Бразилецот играше шест години за Пари Сен Жермен, пред да се пресели во Ал Хилал во Саудиска Арабија, кој го напушти во јануари за да се врати во татковината.
Минатиот викенд Нејмар реализираше пенал и асистенција на последниот натпревар на тимот, но сепак е далеку од вообичаеното ниво. Успехот против Интернационал Лимеира му овозможи на Сантош да обезбеди пласман во четвртфиналето.