📷Нестерилизирани и опасни: Кучиња за борби повторно на улиците на Скопје со дозвола на АХВ и МВР

од Илинка Илиоска
652 прегледи

Неколку опасни кучиња од расите питбул и кангал, кои во Македонија се користат за незаконски борби, беа заловени од ЈП „Лајка“, но потоа беа вратени на сопствениците со дозвола од инспектори на Агенцијата за храна и ветеринарство и од МВР. Сопствениците беа казнети само со глоба од околу 200 евра. Кучињата, нестерилизирани, сега повторно се наоѓаат на просторот зад Музејот на современа уметност, што значи дека неконтролирано ќе се размножуваат.

Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ информираше за случајот, истакнувајќи дека ова е пример на системски неуспех кој придонесува за безредие, организиран криминал, напади од животни и зголемен број на бездомни кучиња.

Во ЕУ, кучиња од вакви раси се или забранети за одгледување поради нивната сила и честите злоупотреби, или се одгледуваат според строго дефинирани правила кои вклучуваат возраст на сопственикот, неосудуваност, обука за чување, безбедносни услови за чување и задолжителна стерилизација.

Петте женки и мажјакот, сите во полна сила, беа чувани и сега повторно се чуваат на диво на јавен простор зад Музејот на современа уметност, а едно од кучињата беше пронајдено со тегови околу вратот. Ниту едно од кучињата не е стерилизирано, што укажува дека се користат за размножување.

ЈП „Лајка“ ги залови кучињата и повика инспектори од АХВ и МВР. Иако „Лајка“ инсистираше на стерилизација и одземање на кучињата, сопствениците добија дозвола од АХВ и МВР да ги вратат нестерилизирани, и беа казнети со глоба од околу 200 евра. „Анима Мунди“ предупредува дека едно женско куче и нејзините легла за пет години може да достигнат до 60.000 кучиња, што претставува сериозна закана.

Слични содржини