Екс-директорот на Зоолошката градина и претседател на градската организација на СДСМ-Скопје, Ѓорѓи Галетановски информира дека се уште не добил информација од полицијата околу евентуалното откривање на лицето кое го запали неговото возило пред неколку дена во скопска Кисела Вода.
Како што објаснува Галетановски, инспектори од МВР интензивно работеле со распити. Тој притоа објави и фотографии од запаленото возило.
-Трет ден не ми се јавиле од полиција, но како што ми кажуваат жители од К Вода комшии сопственици на дуќани, инспектори секојдневно чешлале камери овие два дена и интензивно работеле со распити. Ги поздравувам и се надевам дека ќе ја откријат оваа кукавичко криминална банда да го вратат мирот на граѓаните. Казните за овие дела мора да ги зголемат и изедначат со тероризам бидејќи граѓаните освен финансиски оштетени се и психички, објави Галетановски.
Галетановски пред два дена се понуди да плати за информација кој му го запалил автомобилот. Тој повика сите граѓани кои имаат веродостојни информации за извршителот или нарачателот на случката да го контактираат.