📷Почна протестот во ЈСП

од Nikola Popovski
190 прегледи

Утрово почна протестот на вработените во ЈСП Скопје поради неисплаќање на платата за месец декември 2023 година. Автобусите се паркираа во базните станици во 9 часот, а голем дел од вработените се упатија пред бараките на Град Скопје, каде треба да се одржи седницата на Советот, со единствена дневна точка – субвенционирање на Буџетот на ЈСП Скопје.

Дел од автобусите на ЈСП се паркирани на паркингот пред Зоолошката градина.

 

Вработените во ЈСП Скопје бараат целосно одлука за субвенционирање на Буџетот на претпријатието, а не парцијална или месец за месец. Само во тој случај автобусите ќе се вратат на улиците за градот.

Најавија дека автобусите ќе се вратат во попладневните часови, доколку денеска на седницата на Советот на Град Скопје биде донесена одлука.

-Од 4:40 до 9 часот, јавниот градски превоз функционираше нормално. Се собравме денеска да извршиме мал притисок врз советниците кои веќе неколку месеци не ја носат одлуката. Денеска ни зависи иднината за 2024 година, кажа Мичо Стојановски, претседател на Синдикатот на вработени во ЈСП.

Стојановски во изјава за „Локално“ пред три дена порача дека виновникот за состојбата е основачот на ЈСП, а тоа е Градот Скопје.

-Секогаш се тие виновници. Ние работиме по нивните налози и работата си ја извршуваме максимално, колку што ни се капацитетите и сега имаме заслужена плата, што не можеме да ја земеме на време, истакна Стојановски.

Тој е дециден дека нема двоумења тука и дека се приморани за штрајк во јавниот градски превоз.

-Вработените веќе одлучија. Немаме штрајкувачки барања. Самите вработени се свесни дека гладни не можат да си ги извршуваат професионалните обврски и во понеделник не можат да излезат на линија, ни кажа претседателот на Синдикалната организација.

Фото: Локално

Слични содржини