📷Вака изгледа сериската верзија на моделот BYD Seal 06 GT, се очекува и во Европа

од Vladimir Zorba
249 прегледи

Кинескиот производител на автомобили BYD објави официјални фотографии од својот најнов целосно електричен хечбек, моделот Seal 06 GT.

Овој сериски модел потекнува од BYD Ocean M Concept, кој првично беше претставен на Саемот за автомобили во Пекинг одржан во април оваа година.

Серискиот Seal 06 GT го задржа генералниот дизајнерски јазик на концептот, но има малку по „воздржана“ надворешност. Спортските елементи како што се агресивните аеродинамички компоненти и истакнатото задно крило се ублажени или целосно отстранети. Предниот и задниот браник имаат посуптилни спортски доводи, а поедноставен е и LED дизајнот на предните и задните светла, што важи и за страничните ретровизори.

Во внатрешноста, хечбекот ги прифаќа дигиталниот кокпит, воланот и менувачот од седанот BYD Seal, додека контролната табла и контролите за климатизација го разликуваат од седанот.

Поради својата големина, Seal 06 GT најде место помеѓу помалиот Dolphin и поголемиот седан Seal, долг е 4.630 mm, а меѓуоскиното растојание е 2.820 mm. Овие бројки значат дека е поголем од ривалите како што се моделите хечбек Volkswagen ID.3 и MG4, но и нешто покомпактен во споредба со кросоверите Hyundai Ioniq 5 и Kia EV6.

Автомобилот е заснован на платформата e-Platform 3.0 Evo на BYD, која поддржува конфигурации за погон на задните тркала со еден мотор и погон на четири тркала со двоен мотор. Според кинеското Министерство за индустрија и информатичка технологија, моделот со еден електромотор ќе развива 218 КС, додека моделот со два електромотори ќе испорачува 422 КС.

Официјалното претставување е планирано за 30 август, а се очекува BYD Seal 06 GT да се појави на меѓународните пазари, вклучително и во Европа, во блиска иднина.

Слични содржини