📷ВМРО-ДПМНЕ: Јахоски ужива во Турција со парите кои ги украде

од Nikola Popovski
103 прегледи

Асмир Јахоски кој го оштети Буџетот на државата за неверојатни 167 милиони евра и за кого се води постапка, моментално ужива на Босфор. Откако доби домашен притвор за кривично дело перење пари и други приноси за набавката на мазут со сомнителен квалитет и потекло, синот на пратеникот на ДУИ, сега можеме да го видиме по медиумите дека е на Босфор, Турција, соопштија денеска од ВМРО-ДПМНЕ.

Најголемата владеачка партија повторно обвини дека судиите избрани од времето на владеењето на ДУИ и СДСМ му го укинаа притворот на Јахоски и му го одземаа пасошот.

-Бидејќи тој даде милиони да гаранција дека нема да бега, сега се поставува прашањето како е тој во Турција каде што ги троши милионите кои ги проневерил? Од информации во јавноста, дознаваме дека судиите му одобриле на Јахоски и му го вратиле времено пасошот, за тој да може да шета и ужива по Босфор со нашите пари кои тој и неговите блиски ги украдоа од Буџетот на државата! Правдата изгледа ќе мора да почека додека тој слави матурски на Босфор, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Апелациониот суд Скопје ја уважи жалбата на Јахоски, кој е осомничен во врска со истрагата за набавка на мазут за ТЕЦ Неготино, и ја преиначи одлуката на Кривичниот суд така што мерката „притвор“ се укинува со прифаќање на гаранција со ставање хипотека на имот во износ од 986 илјади евра и готовина во износ од 1,17 милиони евра.

Јахоски беше меѓу 11-мина приведени од вкупно 13 осомничени за набавка на мазут со сомнителен квалитет и за перење пари, заедно со сопствениците на компанијата РКМ, Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, за кои веќе беше одредена мерка притвор.