Со денешната герила акција на неколку локации во центарот на Скопје иницијативата „Од Корен“ официјално ја започна кампањата „Пребројување 2025″, како првиот чекор од долгорочниот план за одземање на коруптивната моќ на партиите и конечно раскрстување со партизмот како општествено-економски поредок.
Во оваа фаза од тој план кој ќе ја доживее својата кулминација на следните парламентарни избори, а пораката е едноставна: тоа што на граѓаните им се сервира на гласачкото ливче е илузија на избор меѓу подеднакво корумпирани политички елити, навидум во меѓусебен конфликт, но всушност обединети во сопствените привилегии, и оттаму, тој избор треба да се отфрли преку прешкртување на гласачкото ливче, велат оттаму.
„Овој чин десетици илјади резигнирани граѓани го практикуваат веќе со години на денот на изборите. Но, досега тој претставувал само симболичен протест против неправедниот политички систем и завршувал таму, без никаков ефект. Овие граѓани не се неинформирани, аполитични и не апстинираат, туку активно учествуваат во процесот и го изразуваат своето незадоволство. Но тие се непретставени и разединети. Со прешкртување на гласачкото ливче на овие избори, тие и сите оние кои ќе им се придружат, имаат можност да прераснат во масовно движење кое ќе го растури партискиот картел. Меѓутоа за да успеат во тоа, тие најпрвин треба да видат колкава е всушност нивната бројка, и оттаму нивната вистинска граѓанска моќ.
Оттаму доаѓа и името на оваа кампања. Пребројување значи испитување на силите, но и преиспитување колку сме суштински задоволни од овој политички систем заснован на партискиот плурализам. На долг рок, Од Корен има детален план кој ќе му овозможи на обичниот човек да биде поблиску до носењето одлуки во негов (јавен) интерес. Овој план примарно се состои во организација на серија референдуми на државно ниво во следните години, кои ќе резултираат со преобликување на политичката сцена, и за прв пат во историјата на земјава, воведување вистинска демократија. Ова е основниот предуслов за одлуки во интерес на општеството, не на партискиот картел.

Фото: Иницијатива „Од Корен“
Во тој дух, овие избори се всушност само плебисцит за укажување недоверба на партиите. Целта на оваа кампања е на крајот, бројот на поништени ливчиња да биде над 75 илјади гласови. Ова е половина од потребните потписи кои треба да се соберат за распишување на референдум, и доколку стигнеме до таа бројка, ќе сметаме дека кај народот постои вистински сентимент за промена. Доколку не стигнеме до таа бројка, тоа ќе го сфатиме како порака дека партизмот функционира и дека народот верува дека друга партија ќе ги промени работите кон подобро.
Ние не веруваме во тоа. Ние веруваме во автентична граѓанска, не кооптирана партиска демократија, како метод за решавање на сите проблеми и општествен просперитет. Затоа и ги сметаме овие избори за колективно соочување со себе, како вложување надеж во нас и во нашите сонародници дека можеме и треба да имаме достоинствена иднина. Не ветуваме ништо, освен едно. Од Корен нема никогаш да стане партија и нема никогаш да има амбиции за формирање влада. Ова го кажуваме од првиот ден и дел од долгорочниот план е да си стоиме на зборот.
Во меѓувреме, ги повикуваме на нашите сограѓани да си го ценат гласот, да не му го даваат на тие кои не го заслужуваат, и да ни се придружат во антипартиската акција против расадникот на корупција кој ги загорчи нашите животи. Ние, основачите на Од Корен, сме убедени дека имаме лек за болеста на партизмот. Ако стигнеме до зацртаната бројка на прешкртани ливчиња, ќе излеземе пред јавноста и ќе го соопштиме.
Но, за да создадеме нов, праведен и заеднички начин на носење одлуки за општеството, мораме најпрвин да ставиме крај на стариот, неправедниот и самоволниот, кој го одржуваат партиите. Почетокот на тој процес е ставање Х на гласачкото ливче на 19 октомври“, се додава во соопштението.