Општина Центар без одговор на прашањата на „Локално“ во врска со присвојувањето на јавен простор (тротоари) за означување на приватни паркинзи на Водно.
Граѓани кои живеат во тој дел од Скопје се пожалија дека „веќе нема тротоар каде може да прошетаат“, бидејќи оние кои градат нови згради таму, но и такви кои подолго време живеат во населбата, сами си поставуваат „блокатори“.

Фото: Локално
Ова е случај на улицата „Рилски Конгрес“, но слични ситуации се гледаат и на другите околни улици, како што е случајот со Ул.Востаничка, каде, исто така, се присвојува паркинг, со претходно поставување на бекатон плочки на местото каде има тротоар за граѓаните.

Фото: Локално
Покрај поставување блокатори, на ул. „Рилски конгрес“ има и новоградба, која целосно го оградила тротоарот пред зградата, и го претворила во приватен паркинг. Граѓаните сега треба, некои и со колички за бебиња, да го заобиколуваат целиот дел и се доведуваат во опасност на самата улица.
На прашањата до Општина Центар, кои беа испратени во текот на вчерашниот ден, дали оние што градат или живеат подолго време таму им дозволиле да узурпираат земјиште, оттаму нема одговор. Не добивме одговор и на прашањето дали планираат како Општина да интервенираат на оваа пракса на заземање на јавен простор, која не е единствена во овој дел од Градот.
Зошто се игнорираат повиците на граѓаните за узурпирање земјиште, останува нејасна.
В.З.


