Унгарскиот премиер Виктор Орбан и неговото семејство поседуваат вила вредна 30 милиони евра – поточно, резиденција – која премиерот ја пријавил како земјоделски имот.
Хаџази Акош, пратеник во унгарскиот парламент од опозицијата на Орбан, го тврди ова во статус на Фејсбук. Тој сподели фотографии од резиденцијата и енергетските сертификати, тврдејќи дека унгарскиот премиер лажел за намената на имотот и го криел фактот дека е сопственик на вилата.
Тој забележал дека тротоарот на имотот бил направен од „најскапиот“ материјал и дека градежниот работник кој ги направил фотографиите му рекол дека зад вратата има огромен сеф и дека објектот содржел просторија за складирање големи количини храна.
Објавените фотографии покажуваат подземен коридор кој, според пратеникот, ги поврзува зградите на имотот, и тој забележал дека коридорот „е поплочен со тули, но однадвор има армиран бетонски ѕид од шеесет сантиметри (ова е видливо и на воздушната фотографија што ја направил)“.
Понатаму, во објава на Фејсбук, Хаџази претпоставува постоење на подземен бункерски систем. Сепак, тој не може да ги објави сликите што ја поддржуваат неговата хипотеза бидејќи, како што тврди, нивниот автор не се осмелил да му ги даде.
Ова не е прв пат опозицискиот политичар да го критикува Орбан – прво објави документи што докажуваат дека на имотот има станбени згради, а потоа објави фотографии од ходници и асфалтирани патеки. Покрај тоа, тој одржа протест во близина на имотот во саботата и ја заврши својата објава со ветување дека ќе организира „тура“ низ семејниот имот на Орбан, што предизвика бројни реакции на социјалните мрежи.
Од друга страна, Виктор Орбан неодамна изјави дека неговиот татко има фарма на тој имот и дека тој нема никаква врска со тоа, како што објавија некои унгарски медиуми.
Неодамнешните анкети покажуваат дека опозициската партија Тиса, предводена од неговиот поранешен соработник, а сега противник Петер Маѓар, има водство пред Фидес на Орбан за околу 15 процентни поени.
Парламентарните избори во Унгарија се закажани за април 2026 година.