„Овој ден не е само спомен. Овој ден е обврска. Обврска да се потсетиме на храброста на оние кои тогаш застанаа и рекоа: „Доста е со поделби, време е за мир”. Обврска да не дозволиме омразата и нетрпеливоста повторно да пуштат корен. Обврска да им оставиме на нашите деца држава која е обединета, силна и праведна“, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски по повод 24-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
„Нека знаат сите – нема македонска, нема албанска иднина, нема турска или српска иднина – има само заедничка, македонска иднина за сите нас. И таа иднина ќе биде онаква каква што ќе ја создадеме денес.
Денес ги повикувам сите – без разлика на вера, националност или политичка определба или политичка неопределба – да ја избереме државата пред поделбата, да ја избереме иднината пред минатото, да ја избереме љубовта кон татковината пред омразата.
Историјата нè учи дека татковината не се брани со оружје – таа се брани со доверба, со почит, со визија. А визијата која ја имам за Македонија е јасна – земја каде граѓанинот е слободен, институциите се праведни, а различностите се почитуваат и слават“, вели, меѓу другото, Мицкоски.