📽 Израелската армија објави видео од болницата во Газа: „Оружјето било скриено зад апарати за магнетна резонанца“

од Stefanija Kuzmanovska
199 прегледи

Војската на Израел тврди дека пронашла оружје и борбена опрема на Хамас во болницата Ал Шифа во Појасот Газа за време на вчерашниот претрес, додека Хамас тврди дека тоа е лага.

Израелската војска објави видео за кое вели дека покажува дел од оружјето и опремата собрани во зграда во големиот болнички комплекс, вклучувајќи автоматско оружје, гранати, муниција и панцири.

Хамас, кој се бори против израелските сили во Газа, го отфрли тоа како „лаги и евтина пропаганда“.

Војската ги фокусираше своите операции на болниците низ северниот дел на Појасот Газа, откако долго го обвинуваше Хамас дека ги поставил своите главни командни и контролни центри под медицинските установи, во обид да избегне воздушни напади.

ИДФ: Го пронајдовме оперативниот центар на Хамас

Израелската војска вчера објави дека пронашла „оперативен центар“ на Хамас во болницата и објави фотографии од оружјето за кое тврдеше дека му припаѓа на Хамас.

Она што беше пронајдено „во болницата Ал Шифа, исто како и во (болницата) Рантиса, докажува дека болниците се користат за воени цели, за терор, директно кршење на меѓународното право“, изјави портпаролот на израелската војска Даниел Хагари.

Кадер, новинар од Ал Шифа, за Би-Би-Си по рацијата во болницата изјавил дека израелските војници ја презеле целосната контрола и дека немало пукање во болницата.

Тој рече дека шест тенкови и околу 100 командоси влегле во комплексот во текот на ноќта. Израелските сили потоа оделе од соба во соба, испрашувајќи го персоналот и пациентите.

Наводно, ИДФ им кажала на сите мажи на возраст меѓу 16 и 40 години да ги напуштат болничките згради, освен одделенијата за хирургија и итни случаи, и да одат во дворот на болницата. Војниците пукаа во воздух за да ги принудат оние што останаа внатре, рече Кадер.

Али Мухамед Закут, директор на болниците во Газа управувани од Хамас, изјави за „Ал Џезира“ дека немало истрели бидејќи немало борци во болницата.

Портпаролот: Оружјето било скриено зад апаратот за магнетна резонанца

Израелската војска вели дека „продолжува да работи во болничкиот комплекс“ и објавува фотографии и видеа од оружјето за кое тврди дека му припаѓа на Хамас.

Беше објавено и видео на кое се гледа портпаролот на ИДФ, Џонатан Конрикус, како ги прикажува безбедносните камери за кои тврди дека се покриени и оружјето за кое рече дека е АК47 скриено зад скенер за магнетна резонанца.

Судејќи според снимките што Израел ги објави досега, контроверзната операција не откри голем арсенал оружје во болницата.

Радиото на израелската армија објави дека допрва треба да најде знаци за тоа каде се наоѓа некој од 240-те заложници кои Хамас ги зеде за време на нападот врз Израел на 7 октомври.

Не пронашле влезови во тунелите

Рацијата на Ал Шиф дојде набргу откако САД јавно ги поддржаа израелските тврдења дека Хамас има инфраструктура под болницата. Се чини дека израелската армија не нашла влез кој води од болницата до тунелите за кои се верува дека се под комплексот. Претставниците на болницата и Хамас го негираат постоењето на тунел под болницата.

Хамас го обвини Израел за фабрикување докази, велејќи дека „се обидува да ги оправда своите геноцидни злосторства со уништување на здравствениот сектор во Газа“.

Говорејќи претходно за Си-Ен-Ен, воениот портпарол полковник Ричард Хехт рече дека израелските сили влегле во одредена област во болницата, додавајќи: „Немаше сеопфатен напад“.

Тој рече дека имало размена на оган пред израелските војници да влезат во болницата, но „нема акција“ откако тие влегле.

Слични содржини