Големиот пожар што ја зафати зградата на весникот „Известија“ на плоштадот Пушкин во Москва е изгаснат, соопшти руското министерство за вонредни ситуации.
Неколку противпожарни единици биле испратени на местото на настанот кога пожарот избувнал во 5 часот наутро, јавува „Раша тудеј“.
Во моментов нема извештаи за жртви.
Се верува дека околу 70 боци со запалив гас се складирани во зградата и биле во опасност да експлодираат доколку пожарот стигнел до нив, велат изворите.
Зградата на „Известија“ била изградена помеѓу 1925 и 1927 година, а во неа биле сместени печатницата и редакцијата на „Известија“ речиси 85 години, додека весникот не се преселил на нова локација во 2011 година. Реконструкцијата на историскиот дел од објектот заврши во 2018 година.