📽 ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО: Хаос на улиците во Еквадор – „Најавивте војна, ќе добиете војна“

од Stefanija Kuzmanovska
244 прегледи

Покрај упадот во студиото на државната телевизија, криминалните групи во Еквадор започнаа серија навидум координирани напади ширум јужноамериканската земја.

По упадот интервенирала полицијата, која ги уапсила криминалците и одзела најмалку четири огнени оружја. Пронајдени се две гранати и „експлозивен материјал“, а 13 лица се уапсени, соопшти Цезар Запата, главен командант на националната полиција.

„Сторителите ќе бидат изведени пред лицето на правдата за нивните терористички акти“, додаде Запата.

По упадот во телевизиското студио за време на програма во живо, претседателот Даниел Нобоа потпиша итен декрет за прогласување внатрешен вооружен конфликт и именување на неколку организирани криминални групи како „терористички организации“ и „недржавни актери“.

Упадот во студиото се случил кога криминалните банди започнаа бран на терор низ Еквадор, киднапирајќи полицајци и активирајќи низа бомби, додека затворениците киднапираа десетици чувари.

Нападите се случија неколку часа откако новиот претседател Даниел Нобоа прогласи вонредна состојба по бегството на водачот на најопасната банда во земјата.

Додека илјадници војници и полицајци трагаа по Адолфо Масијас, осудениот водач на моќната банда Лос Чонерос кој исчезна од затворот со максимална безбедност во неделата, избувна хаос внатре и надвор од затворот во очигледна демонстрација на сила на организираните криминални групи против новиот претседател на државата.

Објавуваат егзекуции
Нобоа, кој беше избран во октомври со ветување за сузбивање на насилниот криминал, доцна вчера прогласи двомесечна вонредна состојба

Речиси 40 други затвореници, вклучително и уште еден осуден нарко-бос, побегнаа од друг затвор во градот Риобамба во раните утрински часови во вторникот. На социјалните мрежи се појавија неколку видеа на кои членови на картелот убиваат затворски чувари, со стрелање и бесење.

Осум лица беа убиени и тројца ранети во напади поврзани со банди во Гвајакил, додека двајца полицајци беа убиени од „вооружени криминалци“ во блискиот град Ноболо, соопшти полицијата.

Седум полицајци се киднапирани, а видео кое кружи на социјалните мрежи покажува како тројца од киднапираните полицајци седат на земја со вперен пиштол во нив, додека еден е принуден да прочита изјава упатена до претседателот Нобоа.

„Најавивте војна, ќе добиете војна. Прогласивте вонредна состојба. Ги прогласуваме полицајците, цивилите и војниците за воен плен“, гласеше пораката која ја прочитал заробениот полицаец.

Полицијата нареди евакуација на владиниот комплекс во Киту поради безбедносни причини. Жителите на Киту изјавија за новинската агенција „Ројтерс“ дека градот е во хаос по веста за нападот на ТВ станица во Гвајакил.

Хаос во градовите
„Во градот има преголема нервоза. На работа луѓето си заминуваат рано. Сите си заминуваат, насекаде гледате многу сообраќај и аларми. владее хаос”, изјави Марио Урена.

Во главниот град Киту, полицијата пронашла запалено возило во кое имало траги од плински боци. Тие на социјалните мрежи објавија дека слушнале силна експлозија во областа. Полицијата, исто така, соопшти дека добила извештаи за експлозија на пешачки мост надвор од градот.

Десетици затворски чувари се земени како заложници во затворите ширум земјата, иако затворските власти не даваат повеќе детали.

Масијас (44) исчезна од затворот во неделата за време на префрлањето во затворот со максимална безбедност во Гвајакил.

Слични содржини