📽За ова сонував 11 месеци: Гави пресреќен по враќањето на теренот

од Vladimir Zorba
26 прегледи

Победата што ја постигнаа фудбалерите на Барселона над Севиља е трета убедлива во низа за каталонскиот клуб, но покрај тоа што тимот од стадионот „Ноу Камп“ регистрира нови три бода, таа има и друга вредност.

Имено, сигурното водство му овозможи на тренерот Ханси Флик да го воведе целосно закрепнатиот Гави во финишот од натпреварот по речиси една година пауза.

„Сонував за ова во изминатите 11 месеци. Ми беше многу тешко што не можев да играм, бидејќи тоа е нешто што најмногу го сакам. Имав големи кризи, но со поддршка од моето семејство, соиграчите и целиот клуб, успеав да го надминам тоа. Мило ми е што повторно сум дел од тимот, што можам да се најдам на теренот и верувам дека наскоро ќе можам да се вратам во формата во која бев“, изјави фудбалерот на Барселона.

Гави влезе на теренот во 82. минута наместо неговиот голем пријател Педри, кој исто така зборуваше за тоа колку му значи опоравувањето на еден од најперспективните играчи на клубот.

„Работеше напорно во претходниот период, се подготвуваше за овој момент и заслужи да ја земе капитенската лента. Впрочем, гледате колку го сакаат навивачите“, изјави Педри.

Гави (20) ги скина предните вкрстени лигаменти на десното колено уште во ноември минатата година на последниот натпревар на Шпанија против Грузија од квалификациите за ЕП 2024 и оттогаш беше надвор од терените.

Слични содржини