📽️Едно ВИДЕО Америка никогаш нема да му го прости на Асанж: Објавени докази за злосторствата во Авганистан и Ирак

од Nikola Popovski
371 прегледи

Основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж и официјално е слободен човек откако се изјасни за виновен по една точка од Законот за шпионажа на САД. Во родната Австралија пристигнал со приватен авион, каде го чекале сопругата и татко му. Клучната причина поради која Америка го гони е видеото објавено од „Викиликс“ на кое се гледа како американската војска од хеликоптер гаѓа цивили во Багдад.

Асанж во Австралија

Асанж излегол од авионот што го вратил во Австралија на овации од толпата, објави „Sky News“. Тој ја кренал тупаницата и ги поздравил насобранит граѓани на аеродромот во Канбера. Оттаму заминал кај семејството и пријателите и ја прегрнал својата сопруга Стела Асанж.

Асанж се изјасни за виновен по една точка од обвинението за добивање и објавување на американски воени тајни како резултат на договор со обвинителите на американското Министерство за правда, со што ја обезбеди неговата слобода и заврши долгата правна сага што предизвика дебати за слободата на печатот и националната безбедност.

САД тврдат дека Асанж направил заговор со Челзи Менинг за да пристапи до доверливи информации на компјутерите на Министерството за одбрана.

Од своето лансирање во 2006 година, „Викиликс“ стана познат по објавувањето на илјадници доверливи документи кои покриваат сè, од филмската индустрија до националната безбедност и војните.

Снимка од убиствата во Багдад

Во 2010 година, „Викиликс“ објави снимка од американски воен хеликоптер на која се гледа убиството на цивили во Багдад, Ирак.

Гласот на видеото ги повикува пилотите „да отворат оган“, по што се пука кон поединци на улица.

Кога комбе пристигнало на местото на настанот за да ги земе ранетите, било пукано и кон него.

Фотографот на Ројтерс Намир Нур-Елдин и неговиот помошник Саид Чмаг беа убиени во нападот.

Злосторства во Авганистан и Ирак

Викиликс објави стотици илјади документи предадени од поранешната американска воена разузнавачка аналитичарка Челзи Менинг.

Документите поврзани со војната во Авганистан откриваат како американската војска убила стотици цивили во непријавени инциденти.

Дополнителни документи од војната во Ирак откриваат дека биле убиени 66.000 цивили – повеќе од претходно објавеното. Документите покажауваат и дека ирачките сили мачеле затвореници.

Меѓу податоците има и повеќе од 250.000 пораки испратени од американски дипломати. Тие открија дека САД сакале да собираат „биографски и биометриски“ информации – вклучително и скенирања на окото, примероци од ДНК и отпечатоци од прсти на клучните претставници на ОН.

Пејџер пораки од 11. септември

„Викиликс“ објави околу 573.000 пресретнати пејџер пораки испратени за време на терористичките напади на 11 септември во САД.

Пораките вклучуваат семејства кои ги проверуваат своите најблиски и владини агенции кои реагираат на нападите.

„Претседателот е пренасочен, тој нема да се врати во Вашингтон, но не е сигурен каде ќе биде“, се вели во една порака.

Е-пошта на демократите

„Викиликс“ објави и илјадници хакирани мејлови на шефот на кампањата на Хилари Клинтон, Џон Подеста, во пресрет на претседателските избори во САД во 2016 година.

Во мејловите, Подеста го нарекува изборниот ривал на Клинтон, Берни Сандерс, „лудак“ затоа што го критикувал Парискиот договор за климатските промени.

Во мејловите, исто така, се вели дека еден соработник на Си-Ен-Ен го известил изборниот штаб на Клинтон за прашање што ќе биде поставено за време на тв дебата.

Тајмингот на протекувањето доведе до обвинувања дека Викиликс намерно се обидува да ја дискредитира Хилари Клинтон.

Веб-страницата, исто така, објави информации кои протекоа од профилот на „Yahoo“ на републиканката Сара Пејлин во 2008 година.

Слични содржини