Дваесет и еден робот им се придружија на илјадници учесници на полумаратонот Јижуанг во Пекинг, Кина, што го означи првиот пат машини да се натпреваруваат заедно со луѓе на трката на 21 километар.
Роботите од кинеските производители како DroidVP и Noetix Robotics се со различни форми: некои се пониски од 120 сантиметри, а некои се високи 1,80 метри. Едната компанија се пофали дека нејзиниот робот е речиси целосно налик на човек, има женски карактеристики и може да намигнува и да се насмевнува.
Некои компании ги тестираа своите роботи неколку недели пред трката. Официјални лица во Пекинг го опишаа настанот како нешто повеќе како автомобилска трка со оглед на присутните инженерски и навигациски тимови.
„Роботите трчаат многу добро, многу стабилно… Се чувствувам како да сум сведок на еволуцијата на роботите и вештачката интелигенција“, изјавил гледачот Хе Сишу.
Роботите биле придружувани од човечки инструктори, од кои некои мораа физички да им помагаат на машините за време на трката. Неколкумина од нив носеле патики за трчање, еден имал боксерски ракавици, а друг носел црвена лента за глава на која на кинески пишувало „Сигурно ќе победи“.
Победничкиот робот бил Tiangong Ultra од Центарот за иновации за хумана роботика во Пекинг, завршувајќи ја трката за два часа и 40 минути. Што се однесува до мажите, победникот ја завршил трката за еден час и две минути.
Некои роботи, како Tiangong Ultra, ја завршија трката, а некои се мачеа од самиот почеток. Еден робот падна на стартната линија и лежеше неколку минути пред да стане и да трча. Еден удрил во ограда откако претрчал неколку метри.
Иако роботи слични на луѓе се појавија на маратоните во Кина неколку пати во текот на изминатата година, ова е прв пат тие да се тркаат заедно со луѓе.
Кина се надева дека инвестициите во индустриите како што е роботиката ќе помогнат да се создадат нови двигатели на економскиот раст. Сепак, некои аналитичари се прашуваат дали учеството на роботите на маратони е сигурен показател за нивниот индустриски потенцијал.