Ахмети: ДУИ и СДСМ имаат договор за соработка на Локалните избори

од Vladimir Zorba

Партнерите од владината коалиција, ДУИ и СДСМ, имаат договор за Локалните избори, зависно од реалните шанси за победа во одредени општини, изјави лидерот на ДУИ Али Ахмети во емисијата „Патот кон“ на телевизија „Алсат М“.

Ахмети вели дека договорот со СДСМ важи само за одредени општини каде во партијата оцениле дека не треба да излегуваат со свој кандидат.

– Секако дека има договор. За мене би била изгубена и неоправдана битка, на пример, ако јас се натпреварувам во Куманово, а знам дека немам можност да го победам градоначалникот на Куманово. Во Чаир ќе се натпреварува ДУИ бидејќи во такви околности не може да победи СДСМ, изјави Ахмети.

Лидерот на ДУИ истакна и дека е подготвен да се повлече од челното место во партијата во случај на лоши резултатите на изборите.

– Со најголемата одговорност изјавувам дека во моментот кога ќе загубам на избори, заминувам од ДУИ, од водењето политика, но не целосно од ДУИ бидејќи ДУИ е мојот дом, а човек не заминува од својот дом, вели Ахмети

За актуелната дебата околу законот за јазиците и противењето на опозицијата, Ахмети рече дека употребата на албанскиот јазик се гарантира со Охридскиот договор, а со законот само ќе се официјализира.

– Албанскиот е навистина службен јазик, со два исклучока, за меѓународно комуницирање и вториот исклучок е дека две прашања се испратени на толкување во Венецијанската комисија, како што е прашањето на банкнотите и униформите. Во други случаи, албанскиот јазик е рамноправен и ќе се користи, ќе се зборува, ќе се пишува, ќе се архивира, од Влада, Собрание, суд, обвинителство, изјави лидерот на ДУИ Али Aхмети.

Слични содржини