Аналитичари: Рано е да се види кој пат ќе го фати новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ

од desk4

“Тој во моментот ги праќа сите сигнали дека ќе биде клон и марионета на Никола Груевски – со изборот на Груевски за почесен претседател, со неговиот континуитет итн. Меѓутоа, досега емпиријата во ВМРО ДПМНЕ покажува дека новиот лидер релативно брзо го заборава стариот и фаќа некаков нов пат. На Мицкоски му треба време да се соочи со реалноста дека Груевски му е „de facto“ сидро околу вратот и да направи некаков дисконтинуитет и нова приказна за ВМРО ДПМНЕ.” – смета Петар Арсовски, политички аналитичар

Според Александар Колекески од Центарот за европски стратегии „Евротинк“, Мицкоски во првиот говор не бил доволно убедлив дека ВМРО ДПМНЕ ќе биде конструктивна опозиција.

“Не настојува Мицкоски да ги артикулира општествените интереси онака како што општеството бара туку тој настојува од призмата на претходното функционирање на ВМРО ДПМНЕ или она што е карактеристично за „заробена држава“, за начин којшто претходно сме го виделе како функционира, да задржи одредено „статус кво“. Не ги дава оние очекувања особено во импулсот што го има Република Македонија во однос на евроинтеграциите.” – вели Александар Колекески, Центар за европски стратегии „Евротинк“

Еден од оние кои застанаа зад изборот на Мицкоски за трет претседател на ВМРО ДПМНЕ е првиот лидер на партијата, Љубчо Георгиевски, кој ставот го изнесе преку Фејсбук статус.

“Христијан Мицкоски од сите имиња што беа кандидати за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, сепак, е најнекомпромитиран, неизвалкан со афери, најенергичен и конечно најхаризматичен. Христијан има шанса да остави свој печат во ВМРО. Треба да му се даде шанса.” – напиша Љубчо Георгиевски, поранешен претседател на ВМРО ДПМНЕ

Христијан Мицкоски вчера беше избран за нов претседател на ВМРО ДПМНЕ откако ја доби довербата на 376 делегати. На конгресот во Валандово не присуствуваа повеќе од 100 делегати меѓу кои и дел од досега најблиските соработници на Груевски.

Слични содржини