Аналитика: Во 22 проекти констатирано кршење на законите при примена на јпп

од desk2
324 прегледи

Во Македонија досега се спроведени 22 проекти за кои нема ажурирани податоци за сумите на договорите, за траењето, а Државниот завод за ревизија веќе има утврдено доста неправилности и кршење на законите во однос на применување на јавното-приватно партнерство.


Ова го изјави денеска Тамара Мијовиќ Спасова од „Аналитика тинк тенк“, при презентација на анализата на тема „Јавно приватно партнерство-предизвици и можности“

– ДЗР има утврдено дека одредени објекти кои се финансирани со јпп се сосема непрофитабилни, значи не се во корист ниту на општината што го превзела тој договор, ниту на граѓаните, потенцираше Мијовиќ Спасова.
Посочи дека немаат транспарентна методологија со цел да утврдат дали одреден проект е успешен, како и дека постои нетранспарентноста на објавување на вистинските договори кои ги склучиле властите и приватниот партнер.

Да се искористат препораките на ДЗР, кои стојат во фиоките на институциите, во однос на применување на јавното приватно партнерство на локално ниво, со цел конечно вклучување на граѓаните и на самите институции во користењето на јпп како алатка за финансирање на јавните услуги, е една од препораките донесени од анализата.

Апелираат за итно зајакнување на одделението во Министерството за економија, кое е одговорно за спроведување на целиот процес на јпп, како и редовно да се ажурира регистарот за доделени договори за јпп.

Потребно е голема внимателност бидејќи јпп е комплицирано во однос на комплексните договори и во однос на големите суми, кои се предмет на овие договори. Јавното-приватно партнерство самото по себе генерира имплицитен долг, којшто редовно се држи надвор од билансите на државните сметки, имајќи го предвид сегашното ниво на долгот на Република Македонија.

Саша Максимовски експерт за јпп наведе дека во Македонија постои потенцијал за реализација на проекти, од локално до централно ниво, но досега сработеното покажува на многу ниско ниво на успешност.

– Ќе мора во наредниот период да го ревидираме концептот на законската регулатива, нагласи Максимовски.

Слични содржини