Агенцијата Рејтинг и „Фокус“ реализираа низа истражувања на јавното мислење во периодот пред почетокот на изборната кампања за рејтинзите и шансите на кандидатите во повеќе поголеми општини. Сите истражувања се изработени со методот лице в лице, на примероци од 600 до 800 испитаници по општина.
Во претстојниот период ќе ги објавуваме податоците за секоја општина одделно. Во оваа премиерна анализа ги објавуваме податоците од истражувањето во Општина Аеродром. Анкетата е изработена од 19 до 23 септември, или точно пред почетокот на изборната кампања. Со какви шанси влегуваат кандидатите и кои се клучните теми и проблеми што ќе бидат важни за гласачите?
Урбанистичкото планирање, патиштата и инфраструктурата, загадувањето и комуналната хигиена се главните проблеми за кои граѓаните ќе очекуваат решенија од кандидатите. Аеродром одамна се соочува со проблемот на градежна експанзија и неконтролирано градење, што очигледно им пречи на локалните жители. Загадувањето е секако еден од главните проблеми, и како што ќе паѓаат температурите, така може да се очекува и овој проблем да се качува сѐ повисоко на приоритетната листа. Забележливо е дека комуналната хигиена, која во уредена општина како Аеродром не би требало да биде проблем, не е во добра состојба. Овде мошне придонесуваат и дивите депонии, кои, според локалните жители, ги има на сѐ повеќе места во општината.
Во изборната кампања, со значителна предност влегува кандидатот на СДСМ, Златко Марин, кој води со 4,9% пред Ивица Коневски, кој бара трет мандат од аеродромци. „На прашањето, доколку утре се одржуваат локалните избори, за кој од двајцата кандидати би гласале?“
Ваквата предност е особено значајна ако се земе предвид дека кандидатот на СДСМ е сѐ уште релативно непознат и има простор да се промовира во кампањата. Од друга страна, Ивица Коневски бара трет мандат, и за него нема премногу простор за „убедување“ на гласачите, кои веќе имаат цврсто оформено мислење за актуелниот градоначалник.
На листата на советници, исто така, води СДСМ пред ВМРО-ДПМНЕ. Споредено со изборите од декември, СДСМ благо ја има зголемено предноста пред ВМРО-ДПМНЕ, и ако остане оваа распределба, многу веројатно ќе има мнозинство во советот. Од другите партии, според овие рејтинзи, тешко дека некоја ќе има претставник во советот, но поради маргината на грешка, остануваат воздржани од ова тврдење.