Антикорупциска остана само на хартија, петмина членови поднесоа оставки

од Vladimir Zorba

   Пет од седуммината членови на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) поднесоа оставки во последните 48 часа. Прв својата оставка ја депонираше поранешниот претседател Горан Миленков, а потоа истото го стори и актуелниот претседател Игор Тантуровски. Денеска оставки поднесоа и членовите Фарије Алиу, Жаклина Дамческа и Сејди Халили. Преостантите двајца членови, Сузана Таскова Аџикотарова и Најдо Спасевски се очекува да поднесат оставки во текот на наредните денови. Дел од нив навеле дела оставките ги поднесуваат поради здравствени причини.

Инаку оставките следуваат по објавувањето на ревизорскиот извештај за финансиското работење на Антикорупциска во кој ревизорите нотираат сериозни сомневања за малверзации од страна на членовите. Фалсификувани сметки, лажни патни назоли, нереални суми за изнајмување на станови во Скопје се само дел од заклучоците во ревизорскиот извештај кој сеуште не е достапен на јавноста. Според извештајот, некои од антикорупционерите поднесувале по три патни налози за ист ден, односно дека ист член на комисијата во еден ден бил и во странство и на седница на комисија. Јавното обвинителство соопшти дека веќе отворило предистрага по допрен глас околу наводите во ревизорскиот извештај.

Ниту еден од посочените членови не излезе во јавноста да ги демантира овие наводи, останувајќи на ставот дека оставките се од здравстени причини.

Од друга страна пак, владиниот портпарол Миле Бошњаковски, го поздрави чекорот на антикорупционерите и порача дека е добро што дошло време да се поднесуваат оставки од морални причини.

Според процедурата, по констатирањето на оставките, Собранието треба да избере нов состав на ДКСК со мандат од четири години со право на уште едно именување. Членовите на Антикорупциска се избираат со просто мнозинство а единствените услови што ги бара законот се да се државјани на Република Македонија со завршено високо образование од областа на правните и финансиски работи и антикорупцијата, да уживаат углед во вршењето на функцијата и да имаат најмалку осум години работно искуство.

Овој состав на Антикорупциска, исто како и претходниот, ќе остане запаметен по тоа што не отвори ниту еден поголем случај ниту пак побара одговорност од било кој функционер. Тие одеа дотаму што одбиваа да ги дадат имотните листови на функционерите на увид на јавноста па дури ги држеа во тајност и своите.

Токму затоа критики за работењето на ДКСК имаше како од домашните експерти така и од странските институции. Претседателот на „Транспаренси Интернешнл Македонија“, Слаѓана Тасева, во неколку наврати ја потенцираше пасиовноста и неактивноста на ДКСК како една од причините за огромната стапка на корупција во Македонија./VOA

Слични содржини