Турските безбедносни сили неколкупати биле предупредени за седум џихадисти од “Исламска држава”, кои илегално влегле во Турција и планирале смртоносни напади врз цели во земјата.

430x330

Националното разузнавање во Турција ги информирало силите за безбедност за можни напади од страна на членовите на “Исламска држава” на 22 јуни и 3 јули, објави “Хуриет”.

Информациите вклучувале имиња на седум членови на терористичката група, вклучувајќи и три жени.

По предупредувањето на разузнавањето, полицијата презела операции против “Исламска држава” во неколку градови, вклучувајќи Истанбул, Анкара, Санлиурфа, Коња и Измир. Приведени се 97 лица.

Сепак за време на акциите безбедносните сили не успеале да стигнат до засегнатите седум џихадисти.

Потсетуваме во понеделникот најмалку 30 лица загинаа во напад во турскиот град Суруч, кој се наоѓа до сириската граница. Над 100 лица настрадаа. Турскиот премиер Ахмет Давутоглу соопшти дека според првите елементи од истрагата терористичкиот напад е извршен од “Исламска држава”.

Експертите за безбедност велат дека со нападот џихадистите испратиле порака до владата да престане со операциите против членовите на групата.
Нападот предизвика спонтани протести против насилството врз Курдите во цела Турција. Илјадници луѓе се собраа во Истанбул, објавија германските медиуми.

Иако протестот бил мирен, некои искажале претпоставки дека владата има дослух со напаѓачите. На крајот полицијата ги растера демонстрантите со солзавец и водени топови.

Слични содржини