Македонското меѓународно движење за човекови права најавува тужби против Заев, Димитров, Ципрас, Козијас и други за нивниот дел во промена на името на Македонија, информира Фокус.
„Во одбрана на името на Македонија и нашето македонско етничко потекло и идентитет, Македонското меѓународно движење за човекови права започнува тужби против Зоран Заев, Никола Димитров, владата на Република Македонија, Алексис Ципрас, Никос Козијас, владата на Република Грција и други поединци непосредно вклучени во преговорите за името. ММДЧП бара итен, судско нареден крај на незаконските и неуставни преговори за името и тужби за оштета од сите именувани страни во име на Македонците од цел свет за безсрамното прекршување на сите повелби за човекови права на Обединетите Нации и другите меѓународни организации“, велат од таму.
Од ММДЧП додаваат дека незаконското наметнување нови услови за членство на Македонија од страна на Обединетите Нации го прекршува членот 4 од Повелбата на ОН и ги прекршува членовите 2 и 15 од Сеопфатната повелба за човекови права.
„Преговорите и предложеното менување на името на Македонија, идентитетот, јазикот, историјата и етничкото потекло, ги имаат вратено назад за десетлетија успесите во човековите права на Македонците и ги засенува сите стандарди за човекови права кои обвинетите се обврзани да ги поткрепуваат. Негативното емотивно влијание што Македонците го преживуваат, морајќи да следат како за нивниот етнички идентитет се преговара од страна на именуваните страни – кои се обврзани да ги почитуваат основните стандарди за човекови права – е неизмерно. Гледајќи ги застрашувачките, расно наелектризирани протести во Грција, барајќи искоренување на
Македонија и нашата македонска етничкост, доведе многу Македонци да се плашат јавно да го објавуваат својот македонски идентитет. Понатаму, фактот дека именуваните странки активно учествуваат во отстранувањето на еден цел етнички идентитет на групата, предизвикува тешка емоционална вознемиреност и предизвикува сеќавања на тешките злоупотреби на човековите права – само врз основа на нивното македонско етничко потекло – кои овие лица веќе ги имаат преживеано“, велат од Македонското меѓународно движење за човекови права.
Затоа, посочуваат од таму, ММДЧП нема алтернатива освен да ги користи судовите за да тужи за оштета и да бара итен крај на анти-македонските преговори за името под покровителство на ОН.