Функционерите на централната власт и натаму се инволвираат во партиски активности за локалните избори. Вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи кој е назначен за шеф на изборниот штаб на ДУИ во Чаир, на дел од партиските настани се појавува во својство на државен функционер за да презентира успеси на владата, информира АлсатМ.
„Ако се сеќавате во мојот говор реков дека ќе земам две недели одмор, значи од почетокот на кампањата. Кампањата се уште не почнала. Ќе почнам од 25 септември и од тој ден јас ќе го намалам мојот ангажман, но само на итните активности не, бидејќи јас во секретаријатот немам заменик“, – изјави Бујар Османи, вицепремиер за евроинтеграции
Но, дента кога Османи ја соопшти оставката на Висар Ганиу од заменик-министер тој рече дека ќе се залага за одвојување на партијата од државата.
„Денеска сме тука за да покажеме дека ДУИ продолжува со својата политичка конзистентност. За да се одвои партијата од државата, тој поднесе оставка од функцијата и ги замрзна сите активности во овој период за на ниеден начин да не се остави простор за злоупотреба со државен ангажман за партиски цели“, – додава Османи.
Неговите активности како министер ги продолжува и Арбен Таравари кој посетува болници и се појавува на други активности поврзани со здравството.
За Алсат М, од неговата партија велат дека тоа не треба да се поврзува со локалните избори и дека учеството на министерот Таравари воопшто не е изборна кампања, туку дел од агендата и планот на министерството за здравство кој е подготвен претходно од кабинетот на министерот.