Граѓаните се задушуваат, еко активистите се жалат за најмал буџет за заштита на животната средина

од desk4

Аерозагадувањето и понатаму еден од најголемите проблеми со кој се соочуваат граѓаните. Во изминатите 24 часа во Скопје само два часа воздухот не бил загаден. Во останатиот дел од деноноќието во сите делови концентрациите биле неколкупати над дозволеното достигнувајќи и до 470 микрограми на метар кубен, информира ТВ24.

Таткото на град Скопје вели дека загадувањето на воздухот не може да се решава парцијално и дека е потребна стратегија за да се опфатат сите извори на загадувањето. Тој информира дека дополнително во овие денови ќе биде обезбеден и бесплатно паркирање во катната гаража на улицата „Св. Кирил и Методиј“ и на паркингот кај Цветниот пазар.

„Оваа мерка е важен дел од заложбите на Град Скопје за поздрава животна средина, почист простор за спорт и рекреација имајќи го предвид пред сѐ здравјето на граѓаните. Загадувањето е сериозен проблем којшто не можете да го решавате со парцијални мерки. Парцијално можете да се обидете да ублажите. Проблем е тоа што до сега никој загадувањето ниту сериозно ниту системски го има решавано“, вели Петре Шилегов – градоначалник на град Скопје.

Граѓанските здруженија алармираат, градоначалниците да ги исполнат ветувањата кои ги дале за време на изборната трка. Мерката на градоначалникот Саша Богдановиќ за поскапување на паркингот во општина Центар за 50 отсто наиде на остри критики. Од Здружение ГОУ ГРИН велат таквата мерка ќе го регулира само сообраќајниот режим, но нема да придонесе кон долгорочно решение на проблемот со аерозагадувањето. Велат дека парите кои се предвидени во Буџетот за 2018 година за заштита на животната средина е мал и неприфатлив кога е во прашање проблемот со аерозагадувањето.

„Во однос на буџетот на општините доколку нивни приоритет и во локалните избори беше екологијата тоа мора да биде рефлектирано и во буџетите на самите општини. Значи, најголем дел од мерките треба да се преточени во еколошки мерки, бидејќи како приоритет тоа воопшто не е споредливо толкав мал процент е наменето за таков голем приоритет што беше кажувано на локалните избори. Ова не е доволно и мора дефинитивно да стане поголем приоритет рефлектирано во буџетите на самите општини“, вели Антонио Јовановски – извршен директор на Здружение за одржлив развој и заштита на животна средина ГОУ ГРИН – Скопје

Граѓаните незадоволни од предвидените мерки, велат дека сè уште дишат загаден воздух.

„Воздухот е ужасен“,

„Нечист, ужасно загаден. Треба да се преземат мерки да се прочисти воздухот“,

„Се знае каков воздух дишам, нечист“, велат анкетираните граѓани.

Во 2015-та година, според мерењата на Независниот истражувачки центар Нумбео кој го мери квалитетот на воздухот во 59 европски градови, Тетово и Скопје се најдоа први на листата на најзагадени градови во Европа.

Слични содржини