Македонските ракометари одиграа нерешено со Украина

од Vladimir Zorba

Македонија одигра нерешено 27:27 на гостувањето кај Украина и не успеа уште вечерва да избори пласман на Европското првенство во Хрватска. Затоа во недела не смееме да загубиме од Чешка.

Натпреварот почна изедначено, Украина имаше предност од 12:10 кога Македонија направи серија од 6:0 и дојде до водство од 16:12.

На почетокот од вториот дел дојдовме и до највисоки пет голови разлика, но благодарение на одличните одбрани на голманите, Украина се врати во натпреварот и до крајот на мечот успеа да израмни на 27:27.

Последниот напад го имаше Македонија, нашите ракометари создадоа чиста ситуација за гол, но Дејан Мансков од крило не успеа да реализира за победа.

Лазаров беше најефикасен во нашиот состав со осум постигнати голови, Филип Талески постигна пет, по четири реализираа Манасков, Стоилов и Миркуловски. Кај Украина Садови со седум голови беше најдобар.

Со победа над Чешка во последното коло Македонија како првопласирана ќе обезбеди место на Европското првенство во Хрватска, имаме варијанта и со реми да дојдеме до континенталното натпреварување, но со пораз мисијата ќе биде неуспешна.

Слични содржини