Следните чекори на ВМРО-ДПМНЕ и на нивните приврзаници кои протестираат пред Кривичниот суд поради притворањето на пратеници и на учесници во настаните во Собранието од 27 април, ќе зависат од развојот на настаните, изјави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
– Сè уште не знаеме, сè зависи од тоа како ќе се одвиваат работите. Според сознанија од пред два часа, околу половина од приведените дале искази пред истражен судија и во зависност од ситуацијата, ќе решиме што ќе правиме понатаму. Имаме три-четири сценарија, но за тоа ќе видиме понатаму. Според тоа што ни го кажуваа луѓе од цела Македонија, се врши неверојатен притисок луѓето да не доаѓаат на протестот. Ние сега, околу 16.30 часот, очекуваме да ни се придружат многу поголем број на луѓе, а потоа од 19 часот да допатуваат уште и од другите места во Македонија – изјави Мицкоски.
Прашан кој сè e предвидено да зборува на поставената бина, тој рече дека е рано да се каже тоа.
Булеварот е затворен од потегот од ТЦ „Мавровска“ до МРТВ, додека во обратна насока сообраќајот се одвива нормално.
Забележливо е зголемено полициско присуство, а во моментов на улицата пред судот има околу 200 луѓе, а се носат и метални буриња во кои се пали оган.
Утрово, по налог на Обвинителството, МВР приведе 36 лица за учество во насилствата во Собранието на 27 април годинава, меѓу кои и три пратеници.