На јубилеј на Руската црква – на маса и автокефалноста на МПЦ?

од desk4
123 прегледи

МПЦ не е поканета да учествува на 100 годишниот јубилеј кој ќе го одбележува Руската православна црква. Српскиот патријарх Иринеј, пак од утре ја почнува посетата на Москва и таму ќе престојува до 8 декември пишува црковниот портал на СПЦ, но и српските медиуми.

„Таму канат само признати цркви. Не се исклучува можноста да стане збор и за црковните прашања меѓу кои и оние за МПЦ но до овој момент нема пристигнато никаква покана до нас“, велат за ТВ24 од МПЦ.

Познавачите на црковните прашања во земјава пак велат на таков важен настан не очекуваат дека МПЦ ќе се најде како тема на дискусија, но на маргините на некои од форумите можно е БПЦ да ја иницира темата.

„Не очекувам дека официјално вака жешко прашање ќе биде дискутирано на ваков настан. Она што очекувам е на форумите кои ќе бидат во заднина ќе се случи дискусија околу ова прашање, веројатно ќе биде поставено од страна на БПЦ која се обврза дека ќе посредува во разговорите понатаму околу стекнување на канонскиот статус на нашата црква, можеби и од страна на СПЦ“, вели Даниел Димевски.

Владиката Тимотеј во изјавата која ја даде за Гласот на Америка потенцираше дека СПЦ не е единствен и најклучен фактор кој се прашува за решавање на спорот со црквата. Вели има многу поважни фактори кои исто така го делат мислењето со БПЦ која ја презеде одговорноста да ја застапува МПЦ пред останатите цркви. Дебарско–кичевскиот епарх вели дека очекува прашањето со автокефалноста на црквата да се реши за неколку месеци.

„Очекувам и многу побрзо, не станува збор за години, за месец-два. Со такво чувство сум дека ќе се реши прашањето. СПЦ нема потреба да ја убедуваат, има други поголеми играчи во православниот свет кои треба да ги убедат или разубедат.“ – вели Отец Тимотеј Дебарско–кичевска епархија.

Во период кога прашањето за МПЦ се најде високо на агендата на синодот на БПЦ ги разбуди духовите и меѓу останатите цркви во православниот свет. Рускиот верски весник Руска Линија пак пишуваше дека доколку БПЦ еднострано ја признае МПЦ тоа ќе ја скара со Српската патријаршија. Весникот исто така напоменува и за неколку кратната промена во црковната јурисдикција меѓу овие три земји кои најмногу се засегнати со ова прашање.

Слични содржини